Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, и постојаната претставничка на УНДП, Луиза Винтон, на конференција за медиумите информираа за ревидираниот Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за оваа година.
За ревидираниот Оперативен план се обезбеди 16 милиони евра кои имаат една единствена цел отворање нови работни места и давање подеднаква шанса за сите. Оперативниот план предвидува право на учество на сите невработени лица без разлика дали се активни или пасивни баратели на работа, како и можност да се аплицира на огласите до периодот на пополнување на предвидената бројка на апликанти.
Како посебен акцент во ревидираниот Оперативен план се издвојуваат мерките фокусирани на младинската невработеност. Вкупно 140 младински старт-апи ќе бидат поддржани со неповратни средства во висина од 10 илјади евра, а истовремено ќе имаат и поддршка од бизнис ментори кои ќе ги водат низ целиот процес.
,,Следејќи ги глобалните трендови за намалување на транзицијата ‘од диплома до вработување’, посебен акцент ставаме на младите невработени лица. За првпат, како никогаш досега, на младите амбициозни луѓе со визија им се дава шанса и одлична можност за отворање сопствен бизнис. Планираме отворање на 140 млади старт-апи, кои со доделен неповратен грант од 10.000 евра ќе добијат простор да влезат на пазарот на трудот и да го покажат својот потенцијал”, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
До крајот на годината Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот предвидува поддршка на микро и мали бизниси за креирање на 250 нови работни места за млади до 29 години, како и вклучување на 400 лица корисници на социјални услуги на локално ниво преку мерката општинско-корисна работа.
Исто така, продолжува поддршката и на лицата со попреченост кои ќе можат да добијат грант од 4,5 илјади евра за отворање свој бизнис и генерирање на нови 150 работни места.
Со овој план за првпат се овозможува граѓанските организации да имаат пристап до мерките за вработување со кои ќе се овозможи вработување на 50 невработени лица и за првпат се предвидени мерки за поддршка на социјалното претприемништво.
,,Креирањето на работни места е една од клучните активности на Програмата за развој на Обединетите нации во државата. Со измените во Оперативниот план ќе работиме на новите и проширените мерки кои ќе имаат за цел пред сè активирање на младите луѓе, на лицата со попреченост, како и припадниците на ромската заедница, развивање вештини, наоѓање на работа или, пак, основање сопствен бизнис”, истакна постојаната претставничка на УНДП, Луиза Винтон.
Првите нови огласи ќе бидат објавени во текот на следната недела при што целокупниот капацитет на Агенцијата за вработување на Македонија и 30-те регионални центри се ставаат во служба на исполнување на потцртаните цели.
,,Три огласи за конкретни мерки ќе бидат активни од следната недела, па сè до пополнување на предвидената конечна бројка. Во следниот период интензивно ќе работиме на терен директно со невработените лица и нивно запознавање со можностите за активно вклучување на пазарот на трудот”, информираше директорката на Агенцијата за вработување Македонија, Билјана Јовановска.
Со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2017 година ќе бидат опфатени вкупно 41.562 граѓани.