Замрзнатите теста, млечни и сирни намази, сирење и урда, зденка, пармезан, ајдемер и гауда кашкавал, павлака за готвење, растителните сирења и намази ќе бидат дополнително оданочени. Повластена даночна стапка од 5 отсто повеќе ќе нема и за лутеницата, цвеклото, фефероните, мајонезот, сите видови апетисани, компоти, конзервирана храна, полнети макарони, тортиљи и нудли. Од листата со повластена стапка отпаѓаат и храната за децата, како гризот, овесните снегулки, муслите, сладоледот, еурокремот, сите видиви бонбони, чипсот, сите чаеви, тропското овошје, сите видови сушено овошје, сусамот, сончогледот, инстант кафињата, наполитанките, црниот бибер, мастиките, најголем дел од зачините...
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи се согласува дека млечен премаз со висока масленост од овчо млеко треба да биде несекојдневен и треба да има стапка од 10 осто. Но, тој вели дека има простор јасно да се каже за кои продукти станува збор.
Тој денеска рече дека може да е пропуст и дека за десетина производи нема проблем да се направи измена.
Чипсот, гумите за џвакање, сладоледот, според Битиќи, спаѓаат во категоријата на нездрави производи затоа што има повисока шеќерна вредност и не смета дека тоа се основни прехранбени производи.
За цвеклото како здрава храна со ДДВ од 10 посто, Битиќи додаде дека ќе се ревидира. Не е вистина дека има зголемување на цената на над илјада производи, опфатени се 358 категории на производи, додаде тој.
Маркетите треба да започнат од денеска да ги менуваат цените од производите. Веќе во вторник имаме закажано седница на влада и може да се ревидира одлуката. Не гледам голем проблем за корекција на десетина производи, кажа Битиќи.