„Италија ќе ја забрани синтетичката храна“, рече италијанскиот министер за земјоделство, Франческо Лолобриџида, на настанот организиран од Европската конзервативна и реформска партија (ЕЦР) на кој присуствуваше и еврокомесарот за земјоделство Јануш Војчеховски.
Ова ќе ја направи Италија првата земја во светот што го прави тоа, пишува Euractiv.
Долниот дом на парламентот во понеделник ќе расправа за нацрт-законот со кој ќе се забрани производството, увозот и маркетингот на храна произведена во лаборатории.
На настанот во Ирска, насловен „Традиција и иновации: Конзервативната иднина на европските фармери“, водечките конзервативни политичари разговараа за предизвиците и можностите кои произлегуваат од европската регулатива и соработка во сточарството, земјоделството и зелената економија.
„Италија ќе стане првата нација која е ослободена од синтетичка храна и сака да даде пример за тоа како може да се регулира“, рече Лолобриџида.
„Го избравме принципот на претпазливост. Квалитетот на храната е фундаментален и не можеме да се согласиме со општество поделено на два дела, каде што се произведува квалитетна храна само за богатата елита. Сите треба добро да се храниме, додаде министерот.
Неговиот став го дели и европскиот комесар за земјоделство: „Како комесар се залагам за традиционалното земјоделство, силно ги штитам природните производи. Системот за обележување не зависи од мене, туку се трудам да ја заштитам традицијата“, објасни Војчечовски и додаде:
„Синтетичкото месо не е месо, синтетичкото млеко не е млеко. Јас стојам во одбрана на природните производи, а користењето на името природен производ за синтетика, според мене, не е чекор во вистинската насока“.
Тој, исто така, вели дека Европската комисија издвојува повеќе од 6 милијарди евра за поддршка на благосостојбата на животните и, воопшто, за традиционалното земјоделство. Но, земјоделскиот модел предложен од конзервативците отворено се спротивставува на оној што го усвои Европската унија, кој според Фратели д'Италија се карактеризира со преголема бирократија и неможност да се соочи со нови предизвици.
За да го промени системот, групата ЕЦР мора добро да се снајде на изборите за Европскиот парламент во јуни 2024 година и да најде сојузници за да формира алтернативно мнозинство против левичарските партии во Европскиот парламент.