Иако до сезоната на летни одмори има уште време, оние кои планираат да летуваат во соседна Грција треба да знаат дека претстојното лето ќе треба „да бркнат подлабоко во џебот“.
Имено, се зголемуваат даноците за престој на туристите, а има поскапување и кај патарините.
Годинава, како што најавија властите во Грција, туристите треба да очекуваат повисоки даноци за престој од претходните години, а висината на оваа давачка се движи од 1,5 до дури 10 евра по сместувачка единица дневно. Овој трошок кој може да влијае на изборот на соодветно сместување.
Овој данок за престој се пресметува како фиксен износ на ден и по сместувачка единица, а не по лице, а висината на даноците варира во зависност од видот на сместувањето.
За хотели со една до две ѕвездички, соби, студија и апартмани е 1,5 евра по соба на ден, три евра по соба дневно за хотели со три ѕвездички, седум евра по соба дневно за хотели со четири ѕвездички, 10 евра по соба на ден за хотели со пет ѕвездички и самостојни вили над 89 метри квадратни. Во камповите не се плаќа такса за престој.
Освен ова, има покачување на уште една давачка за странците во Грција.
Од почетокот на годинава, поскапеа патарините во соседна Грција.
Патарините во Грција се поскапи за 7,6 отсто, одлука што требаше да се примени минатата година, но се одложи, а зголемувања на цените се планирани и во следните две години, пренесоа на почетокот на месецов грчките медиуми.
Патувањето со автомобил од Атина за Солун е за нешто повеќе од две евра поскапо, односно од 31,35 евра колку беше досега, сега веќе чини 33,75 евра.