Српската едиција на Спутник е уште еден од бројните светски медиуми кои направија репортажа од „Велешката фабрика за лажни вести“ со прашањето дали младите велешани му донесоа победа на Доналд Трамп на претседателските избори на кои ја порази фаворизираната Хилари Клинтон од Демократската партија.
Спутник разговараше со повеќе велешани кои не го откриваат својот идентитет и ги кријат лицата пред камерата за да не си создаваат дополнителни проблеми и да привлекуваат внимание.
Не бев најмладиот во објавувањето, во моето средно школо беше прилично популарно, како еден вид на спорт, раскажува младиот сегашен студент во Скопје кој се претставува како Димитар.
Целиот бизнис почна кога сфативме дека можеме лесно да заработиме со пласирање на „фејк вести“ или сензационализми, најмногу за Доналд Трамп бидејќи кликовите на американците се највредни за онлајн рекламите. Луѓето тоа го сфатија и почнаа да прават сајтови, дополнува Димитар за Спутник.
Лажните вести, кои голем дел од нив се популаризираа токму од велешката интернет „фабрика“, беа посочени како еден од главните факти за поразот на Хилари Клинтон, па дури и таа самата ги обвини неприфаќајќи ја својата вина за очајно водената изборна кампања.
Младите интернет богаташи велат и дека се обиделе да пишуваат сензационални вести за Хилари Клинтон, Берни Сендерс и другите кандидати, но едноставно во Фејсбук групите каде ги споделувале објавите немало доволно интерес. Фановите на Трамп биле најподготвени да ги споделуваат вестите преку социјалните мрежи што им носело огромен број на кликови.
Велат дека немале никакви наредби од политичари да прават лажни сајтови за американските избори, туку главниот мотив им било да заработат.
Во САД се водат две истраги, во првата се проценува руското влијание преку хакерите кои ги таргетираа политичките партии како и системите за регистрација на гласачи во 21 сојузна американска држава, додека во втората назначен е специјален обвинител кој истражува дали тимот на Трамп бил во директна соработка со руската влада за размена на информации што е строго забрането.