Имплементацијата на новите напредни технологии ќе доведе до драстични промени на пазарот на трудот и затоа секоја држава треба да води паметна стратегија за обезбедување на квалитетна иднина на своите млади кои ќе се соочат со огромни проблеми при наоѓањето работа доколку немаат соодветни модерни вештини. Во тој правец одат и прогнозите дека за неколку децении одредени професии целосно ќе исчезнат бидејќи ќе бидат заменети од вештачката интелегенција или роботите, а меѓу нив се следните.
1. Сметководител
И сега е скоро незамисливо да поверувате дека во големите фирми повеќе нема да има личност која ќе се занимава со оваа работа. Вистина е дека технологијата напредува со толкава брзина, што за две децении личноста која работела во фирмата и ја носела титулата сметководител, во иднина ќе ја замени компјутер. Даноците и таксите ќе може да се решаваат онлајн, по пат на Интернет
2. Туристички работници
И овие занимања во блиска иднина ќе бидат заменети со технологијата. Никому нема да му биде потребна личност која ќе ги резервира и чекира картите или која ќе продава туристички аранжмани. Заинтересираните во врска со сѐ ќе може да се информираат по пат на веб-сајтови и ќе можат самите онлајн да резервираат летови, хотелски соби и слично.
3. Новинари
Традиционалните медиуми, како радио, весник и телевизија одамна се надминати од Интернетот, а предвидувањата за тоа уште колку ќе постојат старите медиуми и понатаму се актуелни. Кога промената во медиумите дефинитивно ќе се случи е сѐ уште неизвесно, но она што е сигурно е дека сѐ повеќе позиции во печатените медиуми се укинуваат, додека оние кои работат во телевизија се помалку барани со оглед на динамичниот развој и пренесувањето на информациите по пат на социјалните мрежи.
4. Аптекари
Наместо човекот, оваа работа во иднина ќе ја извршува робот. Многу аптеки во светот уште сега работат на тоа да се избираат лекови преку Интернет, а издавањето на лековите и продажбата на истите да ја врши машина, бидејќи тоа е поевтино решение отколку да се плаќаат фармацевти чии плати се високи насекаде во светот.
5. Библиотекари
Во блиското минато, учениците и студентите за секоја задача или потребна информација трчаа во библиотеката, а сега се информираат онлајн. Информации за книжевноста, музиката, спортот и другите стручни области повеќе не ги бараме во книгите туку на веб-сајтовите. Сето ова води до намалени потреби за библиотекари, а за редукцијата на работници на оваа позиција во прилог оди и дигитализираната архива во поголемиот дел од денешните библиотеки.