Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за зголемување на максималните малопродажни цени на нафтените деривати во просек за 4,55% во однос на претходната одлука донесена минатата недела, односно на 20 јули.
Новите цени ќе важат од ноќеска на полноќ.
Согласно одлуката, цената на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 93 денари за литар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 95 денари за литар, што претставува поскапување од 3 денари по литар.
Цената на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) се зголемува за 4,5 денари и ќе изнесува 98,5 денари за литар, додека екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поскапува за 5 денари, на 98 денари за литар.
Поскапува и мазутот М-1 НС, чија нова максимална цена ќе изнесува 48,099 денари за килограм, односно за 2,726 денари повеќе од досегашната.
Од РКЕ информираат дека зголемувањето на цените е резултат на растот на референтните цени на светските пазари, каде што бензините поскапеле за 6,229 проценти, дизелот за 7,442 проценти, екстра лесното масло за 8,051 процент, а мазутот за 8,159 проценти. Комисијата потсетува дека станува збор за максимални малопродажни цени, а трговците можат да ги продаваат нафтените деривати и по пониски цени од утврдените.
Тагови: дизел нафтените деривати Регулаторната комисија за енергетика-(РКЕ)