Кога помислуваме на крстарење со брод, првите нешта кои ни паѓаат на памет се морските бранови, сончањето, многубројните забавни активности и лудиот ноќен живот.
Малкумина помислуваат на вредните луѓе коишто работат на бродот со цел да ви ги обезбедат сите удобности за кои сте платиле.
Доколку помислувате да станете дел од екипажот којшто се грижи за бродот и неговите патници, добро е да размислите пред да ја прифатите работната позиција, бидејќи како и секоја работа, така и оваа има свои предности и недостатоци.
Негативни страни од работата на брод:
- Договорите за работа на брод најчесто се склучуваат на неколкумесечен период (од 4 до 6 месеци, со можност за продолжување до 9 месеци). Бидејќи ова подразбира подолго отсуство од дома, доколку сте мажени/женети или со деца, ова дефинитивно нема да ви биде лесна одлука.
- Носталгијата по родната земја и домашните, како и пријателите е само уште еден дополнителен аспект за оние кои тешко се одвојуваат од блиските.
- Морската болест е само еден од проблемите со кои може да се соочите при првото стапнување на бродот, особено доколку станува збор за помал брод. Секако, постојат апчиња кои ќе ви помогнат да го надминете проблемот со гадење и мачнини, и сè е до навиката, иако има луѓе кои навистина тешко се соочуваат со брановите.
- Заборавете на зборот приватност додека работите на брод. Најчесто треба да ја делите кабината со минимум еден, а понекогаш и повеќе членови на екипажот. Подгответе се за фактот дека ќе имате најмалку еден или повеќе цимери, кои многу лесно може да не ви се погодат.
- Кога сме кај цимерите многу веројатно е дека тие ќе бидат од друга држава, па проблемите со комуникацијата на почетокот се многу реални поради јазичните бариери. Дополнително, сосема различните распореди за работа може исто така да создадат проблем.
- Нема да имате премногу слободно време како што си замислувате. Заборавете на 40-те работни часови неделно на кои сте навикнати. Многу често откако ќе го завршите својот работен ангажман ќе добиете и други задолженија, така што работата на брод е навистина напорна.
- Немате исти привилегии како патниците. Всушност, прилично ограничени сте со забавните активности, и наспроти популарното убедување и верување нема да може да го поминете целиот слободен ден сончајќи се покрај базенот. Ограничени сте и со изборот на храна.
Позитивни страни од работата на брод:
- Ќе заштедите прилично многу пари. Со оглед на фактот што сместувањето и храната ви се веќе обезбедени и немате сметки за плаќање, освен ако не се расфрлате на некои луксузи, навистина немате на што да ги трошите најголем дел од парите.
- Ќе запознаете многу нови луѓе. Бродскиот екипаж е составен од многу националности од целиот свет, ќе остварите многу контакти, ќе ви се отворат погледите и ќе основате многу пријателства.
- По успешното завршување на еден работен договор на брод, доколку сте се покажале како добар работник, многу веројатно е дека веднаш ќе ви го обноват договорот или ќе ви понудат нов и подобар.
- Доколку сте биле сингл кога сте ја започнале работата на брод, многу веројатно е дека ќе си пронајдете партнер, или вашиот иден сопруг/а. Романсата на брод е секако неизбежна.
- Секако, постојат многу дополнителни бенефиции за некој којшто работи на брод:
Ќе добиете дополнителни попусти и поволности за крстарења на брод за вас и вашето семејство.
Бесплатно одржување на облеката.
Бесплатно медицинско осигурување и обезбедена нега на бродот.
Попусти во продавниците, баровите и рестораните на бродот.
Многу луѓе сметаат дека работата на брод е прилично кул идеја, без оглед на неколкуте негативни аспекти.
Но, никогаш нема да знаете како се чувствувате во врска со овој тип на работа додека не пробате, бидејќи може да испадне совршениот избор за вас.