За пет години Македонија може да остане без сметководители. Во оваа струка засега има 7.197 овластени професионалци, а вршители на дејност се 1.221. Од вкупниот број, 24 отсто се на возраст до 35 години, додека преку 51 процент надминуваат 55 години, алармира Стопанската комора.
Комората на прес-конференција информира и дека до Владата е доставена иницијатива за превод на сите меѓународни стандарди за финансиско известување, што претрпеле промени од 2009 година наваму.
Сметководството треба да се издигне на многу повисоко ниво, да се третира како професионална, аналитичка професија, што на бизнисот ќе му овозможи носење соодветни, менаџерски одлуки, рече Анета Трајковска, директор во Стопанската комора на Македонија.
Според Ленче Папазовска од Сојузот на сметководители, сметководителите треба да ги следат сите промени, особено во законската регулатива, да стекнат знаења за анализа на финансиските извештаи, да имаат проактивна улога, а не само да вршат внес на податоци. Неопходна е примена на информатичка технологија, дигитални платформи и мобилни апликации за подобрување на услугите, како и користење социјални мрежи во насока на изнаоѓање нови клиенти и поквалитетна комуникација со постојните.
Кога ќе се спомне сметководител кај нас, обично се мисли на лице кое седи во канцеларија и во својот компјутер внесува промени за деловните трансакции на клиентите и дава известување до УЈП, но малку се зборува за лица кои анализираат финансиски извештаи, комуницираат со своите клиенти, помагаат во донесување стратешки одлуки,... Во развиениот свет под сметководител се подразбира оној што директно соработува со своите претпоставени и менаџери, потенцира Папазовска.
Одговорајќи на новинарски прашања, Папазовска рече дека се уште има нелојална конкуренција при поднесување извештаи до УЈП за што утре, како што најави, е предвидена и посебна тркалезна маса.
Потпишавме договор за соработка со Централниот регистар, што предвидува годишните сметки и консолидираните финансиски извештаи да ги поднесуваат исклучиво овластени сметководители, вработени во сопствена фирма или во некоја од лиценцираните друштва, подвлече Папазовска.