Во огромна конкуренција на реномирани македонски компании, телекомуникацискиот оператор Вип доби признание за успешно спроведена општествено одговорна практика за 2017 година. Признанието е доделено во категоријата “Однос кон вработените”, за потпишаниот Колективен договор помеѓу членовите на раководниот тим на компанијата и Синдикалната организација на оне.Вип.
Потпишаниот Колективен договор ја потврдува определбата на компанијата да го почитува правото на слобода на здружување и колективно договарање како и за подобрување на односите помеѓу вработените и менаџментот. Овој документ претставува темел за понатамошните заложби на двете страни за унапредување на релациите меѓу вработените и менаџментот се со цел да се овозможи здрав дијалог во креирањето на здрава работна средина.
Ова признание е уште една потврда дека Вип е компанија која ја негува корпоративната култура и континуирано работи на дијалогот помеѓу Синдикалната организација и менаџментот, со што ја потврдуваме и определбата за почитување на правото на здружување и колективно преговарање. Вип ќе продолжи да посветува внимание на правата на вработените, условите за работа и системите за унапредување и наградување и ќе работи на продлабочување на дијалогот со синдикалната организација, изјави Мислав Галер, Извршен директор на оне.Вип.
Колективниот договор подетално ги уредува правата и обврските на работодавецот и вработените, отсуствата од работа, плата и додатоци, откажување на договорот за вработување, начинот и постапката за утврдување на бројот и структурата на вишокот на вработени како и критериуми за унапредување.
По спојувањето на телекомункациските оператори ОНЕ и Вип во ново друштво оне.Вип во 2015 година, Синдикалната организација на ОНЕ (СОО) се пререгистрира во Синдикална организација на оне.Вип (СООВ) и како таков субјект од областа на синдикалното здружување делува како претставник на работниците во сите три компании (ОНЕ, Вип и Blizoo) кои ја сочинуваат новата компанија оне.Вип.
Манифестацијата Национална награда за најдобри општествено одговорни практики е во организација на Министерството за економија на Република Македонија и Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата, а се доделува десетта, јубилејна година по ред.