Промовирани огласи »

Сезонските работи на Алјаска станаа вистински хит во последните месеци. Многумина од Балканските земји, заминуваат и таму работат по месец или два. Најчесто за тоа време работат една година колку на Балканот, а се враќаат исцрпени, но задоволни.

Еден од гастербајтерите на Алјаска, Белграѓанецот Мирослав Николиќ (35) минатиот јуни се впуштил во авантура на работно патување преку една српска програма. Бил ангажиран во фабрика за преработка на лосос.

Животот ми се сведува на работа и спиење, но успеав да ја заработам својата годишна плата во Србија само за 55 дена. Таму обработував и пакував лососи по 16 часа дневно, во три смени - раскажува Мирослав.

Како што вели, животот на Алјаска е скап, меѓутоа, парите кои ги заработувал ги трошел само на најосновното.

Фирмата во која работев ми плати сместување, три оброци дневно, и практично немав на што да ги трошам парите. Алјаска е поскапа од остатокот на Америка за 20-30 отсто. На пример кутија цигари чини 10 долари, а толку беше еден мој работен час - објаснува тој.

Поради обемот на работа немал ниту еден слободен ден.

Станам, јадам, работам, јадам, спијам и така во круг, на тоа се сведуваше мојот живот таму. Но, дојдов со цел да заработам што повеќе, и по враќањето во Србија донесов чисти 6 500 долари, што е многу повеќе од мојата годишна плата во Србија - наведува Мирослав и додава дека веќе наредниот јуни повторно ќе оди на уште една тура работа.

Тие кои сакаат да одат мора да имаат некоја работа и семејство во Србија, како би се знаело дека ќе се вратат, а пред се, треба одлично да знаат англиски јазик.

Промовирани огласи »

Фокскон тајванската компанија која е добавувач на Епл, сака да ги замени речиси сите работници со роботи.

Даи Јиа Пенг, генералниот директор на оддлението на компанијата за автоматизација, вели дека компанијата планира три фази низ кои ќе ги отпушти работниците и наместо нив ќе вработи роботи.

Првата фаза е автоматизација на работни места кои се опасни или вклучуваат работи кои подразбираат често повторување на работата, а се покажало дека луѓето ги избегнуваат.

Другата фаза подразбира подобрување на самите производни линии кои ќе се модернизираат така да не дојде ниту до вишок во бројот на роботи.

Трета и последна фаза опфаќа автоматизација на целата фабрика комплетно „ќе има минимален број на работници кои ќе бидат распоредени така да го надгледуваат производството, логистиката, тестирање, и инспекција на процесот - наведува шефот.

Роботизацијата во оваа компанија веќе со години е во светските медиуми и не е новост. Меѓутоа, сега соопштуваат дека сакаат да го забрзаат процесот на роботизација во своите фабрики. Веќе со години исто така се и на мета критики поради нехуманите услови за работа.

Компанијата сега произведува околу 10 000 роботи годишно. Сите тие може да ги заменат луѓето на работните места. Претходно оваа година, соопштиле дека 60 000 работници ги замениле со роботи во една од своите фабрики.

На долги стази, тврдат од компанијата, роботите се исплатливи и евтини луѓе. Меѓутоа, почетното вложување може да биде скапо. Потребно е и прилично време како роботите би се програмирале за одреден вид на работа. Поради тоа, на пазџарите како што е Кина на пример, работниците биле поевтини од робот.

Она што би можело да биде проблем за Фокскон во Кина, е што таа земја поттикнува странски инвеститори да вработуваат луѓе. Во неколку кинески провинции, локалните власти дале милијарди на Фикскон, што во бонуси, што во договори за енергетика, инфраструктура, како би овозможиле компанијата да се шири.

Во него работат дури 1,2 милиони луѓе, што го прави еден од најголемиот работодавач во светот. Повеќето од тие работници се токму Кинези.

Промовирани огласи »

Денеска на наше огромно задоволство имаме чест како прв гостин во рубриката “Интервјуа“ на KARIERA.mk, да го имаме еден од најистакнатите HR професионалци во Македонија, Г-дин Стефан Јовановски - HR директор на најголемиот македонски телекомуникациски оператор ВИП.

Повеќе за тоа какво е искуството да се биде прв човек на еден од најважните оддели во една од најголемите компании во државава и кои се неговите тајни за континуиран успех во работата прочитајте во интервјуто во продолжение:

1. Кои се главните карактеристики на Вашите топ вработени? 

Навистина сум горд сум што сум дел од компанија во која вработените се отворени за учење и стекнување на нови знаења.  Живееме во свет кој постојано се менува и од особено значење е нашите вработени да бидат подготвени да ги совладаат најголемите предизвици но и трендови. Во ВИП негуваме една наша, уникатна организациска култура, која придонесува за работен ентузијазам на тимот и постигнување на нашите зацртани цели. Секојдневно инвестираме во тоа да нашите вработени имаат одлично технично знаење но и макотрпно работиме на тоа да бидат најдобри во тоа што го работат.

2. Сте имале прилика на двапати да бидете дел од големи спојувања на компаниите за кои сте работеле, ситуации во кои биле засегнати голем број на вработени. Која е главната улога на HR директорот за што побезболно надминување на овие осетливи ситуации?

Да, ја имав таа чест да бидам дел од две големи спојувања, кои благодарение на нашата макотрпна работа и посветеност беа завршени во рекорден период и без поголеми негативни последици кон компанијата. Како директор за човечки ресурси, мојата цел и целта на мојот тим беше да обезбеди непрекинат и редовен тек на работите. Сметам дека во вакви ситуации, директорот за човечки ресурси мора да има стаблизирачка улога, особено во ситуациите кои се менуваат со огромна брзина. Мора да бидете многу трпеливи но најважно од се, да работите на тоа да ја добиете поддршката и разбирањето од сите раководители  за важноста на процесите што се одвиваат во овој период.

3. Кои вештини според Вас се пресудни за да се изгради успешна кариера во HR индустријата.

Како и сите индустрии и нашата рапидно се менува. Живееме во ера на друштвени медии каде што постојат нови правила за рекрутмент, нови начини за градење на компаниска култура и комуникации а и технологии кои некогаш ја прават нашата работа полесна но некогаш и потешка. Сепак, сметам дека без разлика на технолошките  иновации, зад еден успешен менаџер за човечки ресурси треба да стојат смиреност, стабилност, добрата емотивна интелегенција, трпеливост, желба за надградување на знаењето но и многу макотрпна работа за да ги распознаете потребите на вработените и да ги направите истите нивна реалност.

4. Што е она што Ве мотивира да продолжите со работа во моментите кога работите не одат баш најдобро?

Јас сум човек кој не сака да се откажува. Секогаш сакам да ги истерам работите до крај, најдобро што можам. На крајот од денот, сметам дека надминувањето на тешките моменти всушност значи напредок и развој и без нив навистина не би можеле вистински да го откриеме сопствениот потенцијал.

5. Кои се најдобрите (и најлошите) работи да се биде HR директор на една голема организација како Вашата?

Да се биде дел од ВИП е навистина привилегија за секој бизнис професионалец. Со сигурност можам да кажам дека ги имаме најдобрите кадри на нашиот пазар а како една од најголемите странски инвестии во Македонија, нудиме и  фантастична можност за професионален развој. Да се работи во ВИП значи да се биде одговорен но и многу посветен. Сите ние секојдневно, со заеднички сили,  ја градиме приказната на ВИП и секојдневно ја живееме и чувствуваме визијата на компанијата. Што се однесува до предизвиците, се разбира, балансот меѓу приватниот живот и работата е нешто на што константно работам и секогаш се трудам да го дадам максимумот во двете.

6. Каков совет би им дале на сите оние кои сакаат да се вработат во ВИП?

Да се биде дел од ВИП значи да се работи во најдобриот телеком оператор не само во земјата туку и во регионот. Оние што сакаат да бидат дел од нашето семејство треба да се подготват за многу динамична работа, многу учење но и интензивен професионален развој. Ние сме едно семејство кое диши и живее во еден здив. Сите за еден, еден за сите. Не велам дека е лесно, но во нашата компанијата, макотрпната работа секогаш е наградувана.

7. Која е најлошата работа која некој кандидат ја направил на интервју? 

Многу кандидати чувстуваат притисок при интервју да се покажат во најдобро светло и некогаш користат лажни информации за себе и својата кариера. Мојот совет е да бидете тоа што сте. Нема потреба од лаги и невистини. Не постои совршен кандидат ниту кандидат кој знае апсолутно се. Фокусирајте се на вашите таленти, на она што ве прави горди самите со себе. Само така ќе можете да изградите успешна но и чесна кариера. Лагите, кога тогаш, излегуваат на површина.  

8. Кои се Вашите методи (и тајни) за стимулирање на креативна работна средина? 

Универзален рецепт не постои. Сметам дека пред се секој вработен треба да ја разбира и да ја живее визијата на компанијата во која работи. Моментот кога вашите вработени ќе го направат тоа е моментот кога можете успешно да изградите креативна но и позитивна работна средина. Она на што секојдневно работиме во ВИП е задавање на нови задачи на вработени, формирање на проектни тимови, хоризонтални промени и хоризонтален развој. Се трудиме да бидеме оригинални и да ги адаптираме нашите практики на новите времиња и трендови. Наша цел е секој вработен да се чувствува како дел од ВИП семејството. Само така, како едно семејство, ќе можеме да ги оствариме целите на компанијата но и целите на секој вработен.

9. Кои team-building активности се покажале како најефикасни во досегашната примена?

Сметам дека ваквите активности треба да бидат задолжителни во секоја компанија. Жално е што многу компании на овие активности гледаат како трошок а не инвестиција во својот тим но и растот на компанијата. Овие активности го зацврстуваат духот на компанијата, ги зближуваат вработените и на крајот од денот имаат директен удел во профитабилноста на компанијата.

10. Дали се сеќавате на времето кога Вие бевте на другата страна, на оние кои бараат работа - какво беше искуството при Вашето прво вработување? 

Сите сме биле на другата страна и токму таа страна не учи и ни помага да растеме во кариерата. Најважно од се, таа ни посочува какви менаџери треба да бидеме а какви не. Пред да ја добијам мојата прва работа, работев 4 години како волонтер во невладени организации и тамошното искуство ми помогна да се снајдам во секакви ситуации.  Бев пресреќен кога ја добив првата работа бидејки во тој момент тоа навистина беше мојата работа од соништата.

Промовирани огласи »

Колку вредат моите пари во странство? Во која земја може да се помине евтин одмор? Каде се најевтини храната, алкохолот, цигарите или хотелите? Институтот ВСИ бараше одговори на овие прашања. Ги најде во Македонија.

Доколку Германец со просечни примања се одлучи да ја посети Македонија, едно негово евро би вредело двојно повеќе, покажува истражувањето на германскиот Институт за економски и социо-економски истражувања, ВСИ. Тоа му го овозможува разликата во цена на основните животни производи. Доколку се одлучи на „пакет аранжман“ во Македонија со многу цигари, алкохол и исхрана во ресторани, престојот би можел да го чини и до трипати поевтино во однос на трошоците во Германија. Со едно евро би можел да задоволи далеку повеќе потреби отколку во неговата земја, односно неговата куповна моќ би се зголемила за речиси 60 проценти. 

Институтот ВСИ спроведе истражување за трошоците за живот, одмор и патување и некои луксузни производи во 39 европски земји. Разликите во цените на меѓународно ниво се големи, а тоа е особено изразено на релација Запад-Исток во Европа.

Убедливо најскапа е Швајцарија чиј индекс на трошоци во просек е за 50 проценти поголем од останатите развиени западно-европски држави.

Како основа за истражувањето земени се четири држави: Германија, Велика Британија, Холандија и Австрија. За секоја од овие држави направено е поединечно истражување, при што просечните цени во тие земји се индексирани со индекс 100 како средна вредност и направена е анализа во четири категории: цена на трошоците за живот, цена на алкохолни пијалоци, на цигари, и на ресторани и хотели.

Македонија е убедливо на дното во првата категорија: трошоци за живот во однос на сите четири држави, но и на ниво на Европа.

Во Македонија најевтино

Па така, просечниот Германец за основните животни производи во Македонија би морал да издвои само 45,3 отсто од цената која истите би го чинеле во неговата држава.

Уште поевтино во Македонија би поминал просечен Британец, Австриец или Холанѓанец. Со оглед на повисоките цени кај нив во однос на Германија, нивниот индекс во однос на Македонија е уште повисок.

Во однос на Велика Британија- Македонија има најнизок индекс на трошоци од 42,3. Следуваат Бугарија (43), Албанија (45), Србија (45,3). Фунтата, како и еврото, во овие земји има повеќе од двојно поголема вредност поради ниската цена на производите и услугите.

Уште поголема е разликата во цената на цигарите. Иако за Македонија нема податоци во оваа табела, може да се претпостави дека цените не се многу различни од оние во Албанија, Србија или Црна Гора кои имаат индекс од околу 20. Па така кутија цигари просечниот Британец би го чинеле пет пати поевтино во Македонија или во некоја друга балканска држава, а алкохолот околу 50 проценти помалку. Германецот, пак, би заштедил далеку помалку, со оглед на тоа дека алкохолот е релативно поповолен и во Германија, но сепак би платил околу 25 проценти помала сума. Поголема е заштедата кај цигарите кои во балканските држави чинат речиси една третина помалку отколку во Германија.

И хотелското сместување е можност западноевропејците да заштедат доколку се одлучат да отпатуваат во некоја земја од источна или југоисточна Европа. Највисоки цени за хотелско сместување на континентот имаат Исланд, Норвешка и Швајцарија. Германецот во Македонија би платил само околу 41,8 отсто од она што едно ноќевање би го чинело во неговата земја, и четири пати поевтино отколку да одлучи да отпатува на северот на Европа, во Исланд или Норвешка. Истиот однос е и кај рестораните. Просечен Британец би платил повеќе од двојно помалку во ресторан во Македонија (која има индекс од 39,9), додека Германецот би заштедил околу 60 проценти од цената на оброкот која би ја платил во некој ресторан во татковината.

Разликите се релативно големи и со останатите источно-европски држави кои се членки на ЕУ. Па така, еден килограм ориз во Унгарија или Литванија (околу едно евро) чини двојно помалку отколку во Германија. Големи се разликите и во занаетчиските дејности. Машко потстрижување во Полска чини 4,1 евро, во Унгарија- 5,9 евра, додека во Словенија или Германија- речиси 15 евра. Во Македонија ќе ве потстрижат за 2-2,5 евра во просек.

Она што анализата на Институтот не го зема предвид е просечната плата во земјите кои се анализираат. Просечната нето плата во Германија е околу 2,200 евра, додека во Македонија- помалку од 400 евра месечно. Оттука, разликата во цените на основните животни производи од околу 60 проценти, не ја одразува разликата во платата, која е речиси шест пати повисока во Германија. 

Во истражувањето на ВСИ користени се податоците на Еуростат, кои ја потврдуваат сликата за Македонија како најевтина дестинација во Европа во однос на цените на храната, безалкохолните, алкохолните производи и цигарите. Единствено Турција има делумно повисоки цени од Македонија и тоа само во однос на гардеробата и обувките. 

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »