Младите вработени луѓе во Македонија сметаат дека работничките права не се почитуваат, но се плашат да пријават и било какво прекршување на нивните права за да не бидат избркани од работа, покажуваат наодите од истражувањето што го спроведе Коалицијата на младински организации СЕГА.
Резултатите од онлајн истражувањето спроведено од 15 јануари досега укажува дека 75 отстои од вкупно анкетираните 1.239 испитаници сметаат дека работничките права се напишани само на хартија, а 57 отсто се плашат да пријават било какво прекршување од две причини – за да не бидат избркани од работа и поради тоа што сите останати вработени молчат.
Десет отсто од вработените работат со устен или без никаков договор, а на 10 отсто од вкупниот број на вработени не им е дадено да го прочитаат договорот за вработување што го потпишуваат.
Од невработените лица, 25 проценти изјавиле дека се подготвени да влезат на работа без да потпишат било каков договор, а 64 проценти се подготвени да потпишат бланко отказно решение.
Овие факти покажуваат дека состојбата со вработените млади луѓе во Македонија е загрижувачка и она што треба да се направи е системско решение преку кое ќе се заштитат работничките права и работодавачките ќе бидат помотивирани да го отворат процесот и да ги едуцираат идните вработени во однос на нивните права кои им се загарантирани со законот – изјави извршниот директор на Коалицијата СЕГА, Зоран Илиески.
И според претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати Благоја Ралповски, во Македонија не се почитуваат работничките права и тоа е една од причините поради кои младите ја напуштаат државата.
Истражувањето е спроведено во рамки на националната кампања „365 работнички права за младите“ што ја спроведуваат младинските информативни и советодавни центри Инфо СЕГА од Прилеп и Кавадарци во соработка со Факултети.мк и Кондеферацијата на слободни синдикати на Македонија.