Британската полиција денеска ослободи околу 200 мигранти од Литванија, Романија, Полска и Бугарија кои биле принудувани да работат без плата на фарма во областа Корнвол, во јужна Англија.
„Робовите“ се ослободени при акција на полицијата во соработка со трудовата инспекција. Полицијата во акцијата уапси тројца мажи, од кои едниот е обвинет за раководење со групата, а другите двајца за организирање модерно ропство.
Мигрантите се пренесени во специјален прифатен центар, каде што им е пружена помош.
Ова не е прв ваков случај. Во изминативе години вакви злоупотреби на луѓе имаше во Мексико во фабрика, исто и во фабрика во Индија каде жртви беа деца.
Во Бразил во 2010 година 44 луѓе се ослободени од плантажите со шеќерна трска.
Продавањето на африкански мигранти во Триполи не беше изолиран случај затоа што повеќе од 40 милиони луѓе во светот, од кои четвртина се деца, моментално се робови, вели едно истражување од 2016-тата година.
Поимот модерно ропство се однесува на принудна работа, од која се опфатени 25 милиони луѓе.