Постапката за признавање на возачките дозволи меѓу Македонија и Германија е во завршна фаза, велат од Министерството за внатрешни работи за Алсат М.
Двете земји го усогласуваат текстот од заедничката декларација, а за утре е закажан координативен состанок со германската амбасада, на кој ќе се испеглаат разликите и за последното отворено прашање кое од МВР не го откриваат.
По завршувањето на постапката за признавање на македонските возачки дозволи во Сојузна Република Германија, сите лица кои имаат или ќе регулираат престој во Германија ќе може да ја заменат македонската возачка дозвола со германска. Сите останати граѓани кои ќе патуваат транзит, ќе може да ја користат македонската возачка дозвола, велат од Министерство за внатрешни работи на Р.М
Во моментов, македонските иселеници во Германија може да управуваат со моторно возило само првите шест месеци, а потоа мора да извадат нова германска возачка дозвола, што е трошок од околу две илјади евра. Професионалните возачи пак, мораа да вадат меѓународна возачка дозвола. Бенефит од ваквиот договор ќе имаат не само иселениците, кои според проценките во Германија ги има во бројка од околу 100 илјади граѓани, туку и професионалните возачи, вели Биљана Муратовска од Асоцијацијата на здруженија на превозници. Според неа институциите се усогласуваат за начинот на кој ќе се впише интернационалната ознака – код 95 – која значи дека возачите поминале обука за професионална компетентност.