Синдикатот на УПОЗ е против какво било зголемување на старосната граница за пензионирање дури и да е тоа крајно решение за да се пополни дупката во Фондот на ПИОМ. Генералниот секретар на УПОЗ, Трпе Дејановски денеска на прес-конференција рече дека работниците не се виновни за дупката што е направена во Фондот на ПИОМ и не смее на нивни грб да се пополнува таа дупка.
Според него, предлогот на ММФ за усогласување на прагот за пензионирање во Македонија со земјите од ЕУ е неоснован и неможе да се мери квалитетот на живот што го имаат граѓаните во Македонија со оној што го има во ЕУ.
Синдикатот на УПОЗ предлага остварување на правото на старосна пензија со остварен работен стаж и тоа, жена со 35 години работен стаж и маж со 40 години работен стаж без разлика на возраста.
Исто така, предлагаат намалување на старосната граница за пензионирање за пет години односно 57 години за жена и 59 години за маж, под услов работниот стаж да биде 30 години за жена и 35 години за маж. Еден од предлозите на УПОЗ е и да работникот на пет години пред одење во пензија да може да го откупат стажот.
Синдикатот на УПОЗ бара измени и во начинот на пресметување на бенефицираниот стаж, односно да не се пресметува во цели години како што се прави во постојното законско решение, туку да почне да се пресметува и во месеци и во денови.
Според УПОЗ, треба да се направи и сериозна анализа во Правилникот за бенефициран стаж со цел да се утврди кои работници треба да имаат поголем бенефициран стаж, а кој помал.
Мислиме дека овие наши предлози ќе допринесат за вработување на млади и квалификувана работна сила, намалување на невработеноста, и работниците кои ги исполнуваат овие услови заслужено ќе заминат во пензија, рече Дејановски.
Во однос на пополнувањето на дупката во ФОНДОТ на ПИОМ, од УПОЗ предлагаат Владата да го преиспита постоечкиот начин и процент на уплата на придонесите во ПИОМ, односно наместо сегашните 12 проценти од придонесите кои одат во ПИОМ и шесте проценти во приватните фондови, 14 проценти да се одлеваат во ПИОМ, а четири проценти во приватните фондови.