И покрај напорите за надминување на сите дискриминациони форми и напорите за отфрлање на сите стереотипи што постојат во општеството, за жал, одредени суптилни форми на стереотипи сѐ уште постојат, бавно се менуваат и тешко се отфрлаат. Еден од нив, кој со генерации наназад се провлекува и кој секојдневно го побиваме, е дека жените се лоши и небезбедни возачи.
По повод денот на жената, 8 март, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата направи анализа на истражувањата и на анкетите на оваа тема, но и на она што покажуваат статистичките податоци.
На самиот почеток важно е да се потенцира дека, секоја поделба на возачите на машки и на женски не е соодветна. Многу посоодветно е возачите да ги поделиме на одговорни и на неодговорни, без разлика на полот, возраста или на другите лични карактеристики. Позитивните и негативните примери и кај едните и кај другите се бројни, но интересно е да се види што покажува статистиката за тоа колку се безбедни жените и мажите во сообраќајот.
Статистиката и фактите покажуваат дека жените се побезбедни возачи од мажите. Истражувањата на релевантни меѓународни организации, покажуваат дека мажите многу повеќе страдаат во сообраќајни незгоди во споредба со жените и многу често се предизвичкувачи на сообраќајни незгоди со сериозни фатални последици.
Според Светската здравствена организација, повеќе од 77% од смртните случаи во сообраќајот на патиштата се предизвикани од мажи, околу 72% од жртвите во сообраќајни незгоди се лица од машки пол, а според податоците на светските осигурителни компании, околу 80% од штетите направени во сообраќајниот систем се направени од мажи.
Младите машки лица многу повеќе предизвикуваат сообраќајни незгоди со тешки и со фатални последици во споредба со младите женски лица.
Една сообраќајна студија направена во Њујорк, покажува дека 80% од незгодите во кои загинати или тешко повредени се пешаци, се предизвикани од возачи од машки пол. Истражувањата на тамошните осигурителни компании, покажуваат дека веројатноста жените да предизвикаат сообраќајна незгода со сериозни последици, е помала во однос на машките возачи и токму затоа во наредниот период се очекува една нова тенденција на намалуваање на цените за осигурување за жените возачи.
Истражувањата покажуваат дека машките возачи прават повеќе сообраќајни прекршоци, отколку женските возачи. На пример, соодносот на санкционирани машки и женски возачи во САД е следен: за возење под одвлечено влијание е 3,09 спрема 1 во однос машки и женски возачи, користење безбедносни појаси - 3,08 спрема 1, брзо возење - 1,75 спрема 1 итн.
По однос на прашањето дали мажите или жените се побезбедни возачи, експертите велат дека жените се побезбедни и посмирени во сообраќајот, додека мажите се поагресивни и понестрпливи. Машките возачи имаат поголема самодоверба, склони се за преземање ризик и затоа поголема е веројатноста да направат грешки, односно машките возачи повеќе го потценуваат ризикот и опасноста во сообраќајот.
Анкетите и истражувањата покажуваат дека мажите, за разлика од жените, подобро се запознаени со опремата за безбедност во возилата. Мажите знаат дека постои електронска контрола на стабилноста која помага да се спречат незгоди со превртување на возилото, потоа мажите подобро се служат со помошниот алат, поприсебно се однесуваат во случај на сообраќајна незгода, подобро се снаоѓаат во мал простор со тешки маневри, побрзо паркираат итн. Токму ова создава лажна перцепција дека мажите се подобри и побезбедни возачи од жените.
Според РСБСП, во Република Македонија, во просек, околу 70 до 80% од жртвите во сообраќајни незгоди се од машкиот пол, а 20-30% од женскиот пол. Истражувањата, анализите и реалноста, покажуваат дека жените се многу внимателни возачи, одговорни се и се придржуваат кон сообраќајните правила и прописи. Брзото и агресивно однесуваање во сообраќајот, не е својствено за жените. Ретко може да се види жена да ги потценува последиците од управување моторно возило под дејство на алкохол. Анкетно истражување направено од РСБСП минатиот период, покажува дека 60% од жените-возачи во Република Македонија се убедени дека тие се подобри возачи од мажите, 88% од жените сметаат дека агресивното однесување во сообраќајот е карактеристично за мажите, 60 % сметаат дека мажите се неодговорни учесници во сообраќајот, 63 % сметаат дека мажите и жените се рамноправни учесници во сообраќајот, а 37% сметаат дека мажите се доминантни и не ги почитуваат жените како рамноправни учесници во сообраќајот. Најголемиот дел од жените сметаат дека мажите се агресивни и тоа сериозно им пречи и им влијае во сообраќајот.
Имајќи го предвид наведеното, РСБСП апелира до сите возачи да бидат внимателни и одговорни во сообраќајот, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да бидат дефанзивни учесници во сообраќајот, затоа што последиците се трагични, огромни и ненадоместливи, независно од полот, возраста, националноста или која било друга индивидуална карактеристика на предизвикувачот на незгодата или на жртвата.