Промовирани огласи »

Согласно законското усогласување на пензијата што се врши според движењето на индексот на трошоците на животот, пензиите за март што пензионерите ќе ги добијат во април ќе бидат покачени за 1,69 проценти.

Ова усогласување се врши согласно член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Според оваа одредба, како што пренесува МИА, усогласувањето на пензијата се врши согласно движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 проценти и порастот  на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Македонија во висина од 50 проценти.

Пензијата се усогласува од 1 јануари и од 1 јули секоја година според процентот кој се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Македонија во претходното полугодие, во однос на полугодието кое му претходи.

Минатата година пензиите се усогласиле согласно законската одредба одредба два пати годишно и вкупното усогласување изнесуваше 1,58%.

Промовирани огласи »

Од завчера е активна мерката самовработување со грант во рамки на Оперативниот план за 2018 година.

Со овој план се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување кои ќе обезбедат:

  • создавање на нови работни места,
  • поддршка за креирање на нови работни места и
  • зголемување на вработливоста на невработените лица.

За реализација на мерките во ОП 2018 се издвоени 1.040.794.835 денари. Со овие средства се предвидува поддршка за самовработување, поддршка за креирање на нови работни места, обуки за стручни квалификации и вештини, програма за работно ангажирање преку општинско-корисна работа и јавни работи, како и низа други услуги.

За разлика од претходните оперативни планови за вработување, оваа година е поедноставена содржината на програмите за вработување и услугите. Јасно се дефинирани критериумите, како и корисниците на кои се однесуваат програмите за вработување. Грантовите за самовработување се поставени флексибилно и изнесуваат 4000 до 5.000 еврa за поединец, односно 10.000 евра за здружување на бизнис од двајца содружници.

Годинава е дадена можност за комбинација на мерките, односно по завршувањето на една мерка, истото лице може да биде корисник на друга мерка. Пример, по завршување на некоја од обуките, може да се вклучи во субвенционирано вработување.

Промовирани огласи »

Пешаците често знаат да бидат жртви на сообраќајни несреќи, особено во главниот град, во период кога е најголемиот метеж во сообраќајот.

За поголема безбедност на пешаците, како една од најранливите категории, постојат построги казни за возачите кои не внимаваат на пешачките премини.

 Возачот е должен да обрне внимание на пешаците кои се наоѓаат на коловозот или кои започнале да чекорат по коловозот. Кога приоѓа кон обележан пешачки премин, возачот е должен да управува со возилото и да вози со таква брзина што овозможува во случај на потреба да го запре возилото пред пешачкиот премин.

На делот од патот по кој се движат деца или се поставени сообраќајни знаци за учество на деца во сообраќајот, возачот е должен да вози со особена претпазливост и со таква брзина што ќе овозможи да го запре возилото во случај на потреба. Предвидена е глоба во износ од 200 евра во денарска противвредност.

Промовирани огласи »

„Европскиот извештај - Извештај за сообраќајна незгода“ е образец изготвен од Националното биро за осигурување на Република Македонија. Истиот се добива бесплатно од друштвото за осигурување при склучување договор за задолжително осигурување (полиса) и на неговата задна страна содржи упатство за употреба во кое детално се наведени начинот и условите за негово користење.

И покрај тоа што во Република Македонија Европскиот извештај се применува уште од 2009 година, многу често граѓаните се во дилема: „Дали да се повика полиција или да се пополни Европски извештај? Дали, кога и како се користи Европскиот извештај? Прашањето е честопати поставувано, па токму затоа, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата советува и појаснува за најголемите дилеми на возачите поврзани со Европскиот извештај:

  • Европски извештај се пополнува само во случај на сообраќајна незгода со мала материјална штета и го пополнуваат учесниците во сообраќајната незгода. Европскиот извештај не се пополнува и не се потпишува во случај на сообраќајна незгода во која има повредени лица, загинати лица и во сообраќајна незгода во која настанала голема материјална штета. Под „мала материјална штета во сообраќајна незгода“ се подразбира штета настаната на објекти и на возила на кои не им се оштетени виталните делови за управување и за запирање, а возилата можат самостојно да се движат по патот.
  • Возачите-учесници во сообраќајна незгода во која е предизвикана мала материјална штета, откако ќе го пополнат и потпишат Европскиот извештај за сообраќајна незгода, се должни веднаш да ги отстранат возилата од коловозот и да овозможат непречено одвивање на сообраќајот. Прекршочен платен налог во износ од 250 евра, во денарска противвредност, ќе му се издаде на возачот-учесник во сообраќајна незгода кој постапува спротивно од наведената одредба.
  • Возачите-учесници во сообраќајна незгода во која е предизвикана мала материјална штета, кои пополниле и потпишале Европски извештај за сообраќајна незгода, не се должни за истата да го известат Министерството за внатрешни работи.
  • Европскиот извештај не претставува признавање вина и не значи дека меѓу возачите е постигната согласност за вината во сообраќајната незгода, ниту дека со потписот се признава вина, туку служи единствено за утврдување на фактичката состојба.
  • Полициските службеници на Министерството за внатрешни работи се должни да излезат на местото на сообраќајната незгода (Европски извештај не се пополнува во сообраќајна незгода) во која е предизвикана мала материјална штета, ако тоа го бара едниот од учесниците во сообраќајната незгода и тоа во случај кога:
  • едно од возилата нема регистарски таблици или не е осигурано
  • едно од возилата има странска регистарска таблица
  • е очигледно дека еден од возачите е под дејство на алкохол, дрога или други психотропни супстанции
  • еден од возачите не поседува возачка дозвола од соодветната категорија
  • на еден од возачите му е запишана прекршочна санкција во возачката дозвола - забрана за управување со моторно возило
  • еден од возачите одбива да даде свои лични податоци, односно податоци за возилото 
  • еден од  возачите го напуштил местото на сообраќајната незгода
  • ако возачот сам учествува во сообраќајна незгода.
  • Сопственикот на возилото е должен да го извести друштвото за осигурување со кое склучил договор за осигурување од автомобилска одговорност за настанувањето на сообраќајната незгода и да достави пополнет Европски извештај во рок од 30 дена од настанувањето на незгодата.
  • Учесниците во сообраќајната незгода, на барање на одговорното друштво за осигурување, се должни опширно да известат за околностите под кои се случила сообраќајната незгода, во спротивно, се должни да ја надоместат штетата настаната од неисполнување на обврската за известување.
  • Во случај на сообраќајна незгода со мала материјална штета во која учествуваат две возила, се пополнува само еден комплет Европски извештај. Доколку во незгодата учествуваат три возила, се полнуваат два комплета, четири возила – три комплета итн. Притоа, воопшто не е важно чиј примерок се пополнува, ниту кој го пополнува.
  • При пополнувањето на Европскиот извештај важно е да се користи хемиско пенкало. 

РСБСП до сите возачи-учесници во сообраќајот, апелира да бидат внимателни и одговорни, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и воедно ги потсетува, во случај на сообраќајна незгода со мала материјална штета да користат „Европски извештај за сообраќајни незгоди“ бидејќи така предвидува Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Неговото непочитување се санкционира со глоба од 250 евра во денарска противвредност. Исто така, РСБСП укажува дека придобивките од користење „Европски извештај за сообраќајни незгоди“ се повеќекратни и тоа:

  • Намалување на сообраќајниот метеж после случена сообрачајна незгода со мала материјална штета
  • Побезбедно одвивање на сообраќајот
  • Брзо и ефикасно обесштетување на оштетените странки
  • Помалку административни процедури и заштеда на време и пари
  • Намалување на можноста за дополнителни санкции, итн.
Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »