Советот на Град Скопје на денешната 19-та седница ќе расправа за поголем број одлуки, меѓу кои и Одлуката за определување максимален износ за доделување поединечна субвенција на граѓаните за купување електрични тротинети за 2018 година.
Градските власти информираат дека со оваа одлука е предвидено да се пренаменат дел од неискористените средства од субвенциите за велосипеди, во делот за велосипеди за лица со посебни потреби, каде заинтересираноста била послаба и дел од средствата предвидени за таа намена останале неискористени.
Со предложената одлука, Советот на Град Скопје го определува максималниот износ за доделување поединечна субвенција на граѓани за набавка на електрични тротинети за 2018 година во износ од 50 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 10.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
На денешната седница советниците ќе одлучуваат и за одлуката за одобрување на набавкa на патнички моторни возила, со што е предвидена набавка на шест еколошки-хибридни возила и едно транспортно возило за повеќе патници за потребите на градската администрација.
Советот на Град Скопје денеска ќе расправа и за давање согласност за промената на Статутот на jавната установа Универзална сала-Скопје, со која оваа институција го враќа стариот назив во Универзална сала.
Советниците ќе одлучуваат и за Одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка меѓу Град Скопје и општината Бутел за изградба на атмосферска канализциска мрежа, на потегот од булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“ до реката Серава. Со оваа одлука се предвидува учество на Град Скопје во изградбата на атмосферска канализациска мрежа во Бутел, со што ќе се создадат услови за решавање на еден од важните комунални проблеми на жителите во овој дел од Скопје. Со оваа одлука е предвидено Град Скопје да учествува со 32.390.611 денари, а средствата да се издвојуваат од буџетите на Град Скопје за 2018, 2019 и 2020 година.
Советот на Град Скопје на денешната седница ќе решава и за две точки поврзани со работата на јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Со првата одлука се одобрува набавка на две специјални комунални возила за странично собирање и транспортирање на комунален отпад од статични контејнери со капацитет од 2.200 и 3.200 литри, за што се предвидени 24 милиони денари, како и набавка на статични контејнери за одлагање на комунален отпад со капацитет од 3.200 литри, за што се предвидени 40 милиони денари. Со втората одлука се пренаменуваат средства од Буџетот на Град Скопје, односно 3 милиони денари сега ќе бидат предвидени за набавка на опрема за стационарот „Вардариште“.
Фото: E-TWOW-Booster