Државните здравствени и санитарни инспектори, од денеска продолжуваат со контроли по градинките, по времената мерка забрана за прием на невакцинирани деца со МРП вакцина, информира за „Мета“директорката на инспекторатот, Ирина Бухова.
Нашите инспектори се на терен откако започна забраната. Од сите градинки кои досега се поминати на територија на Скопје, во ниту една не беа направени отстапки. Но, морам да нагласам дека сепак најверојатно поради празниците и распустот, во градинките беа згрижени многу мал број на деца. Од денеска контролите продолжуваат и ќе траат се` додека е на сила решението за забрана за прием на невакцинирани деца – информира Бухова.
Таа потсетува дека има парични казни за правното и за одговорното лице во случај во некоја градинка да се затекнат деца без примена вакцина.
Казната за правното лице се движи од 2.000 до 4.000 евра, а одговорното лице треба да плати 30 отсто од одредената сума за правното лице – вели директорката.
Инаку денеска во 17 часот е најавен протест на членови на движењето „Вакцинизам“, пред Министерството за здравство, кои се против ваквата забрана. Тие протестираа и пред неколку дена, а изјавија дека паричните казни нема да ги предомислат и дека ќе ги оставаат децата во градинка, со и без дозвола на надлежните.
Министерството за здравство прогласи епидемија од морбили на 3 јануари. За прв пат се донесе мерка – забрана за прием на невакцинирани деца со МРП вакцина за морбили, рубеола и паротитис. За да можат да посетуваат градинка, наложено е прво да појдат на вакцинација. Оттогаш досега, како што информираат во Министерството за здравство, вакцинирани се повеќе од 1.000 деца.