Промовирани огласи »

Град Скопје годинава ќе ги субвенционира граѓаните за купување на инвертери, топлотни пумпи или соларни панели за затоплување. Во буџетот на Градот за 2019 година за оваа намена предвидени се 20 милиони денари. За набавка на инвертери и во ланскиот буџет беа предвидени пари, но со ребалансот тие беа пренамени односно не се даваа субвенции за вакви уреди за затоплување, пренесува СДК.

Како и лани и годинава субвенции ќе се делат и за набавка на печки на палети за што се предвидени 15 милиони денари. Во рамките на проектите за намалување на загадувањето, граѓаните ќе се субвенционираат и за набавка на велосипеди, тротинети и електрични возила на две тркала за што обезбедени се 10 милиони денари, како и 3 милиони денари за чистење на оџаци, мерка која за прв беше воведена лани.

Огласите на субвенционирање на граѓаните ќе бидат објавени кон почетокот на годината и ќе траат цела година додека не се истрошат средствата предвидени за субвенционирање на граѓаните. Наскоро ќе ги објавиме огласите. Лани беа целосно потрошени средствата за набавка на печки на пелети и велосипеди, а додека за чистење оџаци послаб беше интересот кај граѓаните односно не беа искористени сите пари-велат од Град Скопје.

Во буџетот за заштита на животна средина за 2019 година предвидени се 3 милиони евра. Покрај за субвенции за граѓаните со цел намалување на загадувањето на воздухот, субвенции од 20 милиони денари се предвидени и за приватните превозници за адаптирање на постојните автобуси со мотори на еколошки горива, како и 20 милиони денари за ЈСП„Скопје“ за воведување на бесплатен превоз во денови на алармантно загадување на воздухот.

Пари се предвидени и за уредување на кањон Матка, парк шумите Гази Баба и Водно, како и реализација на посебен план за Водно, проекти за зелени кровови на институции, проширени испитувања на загадувањето на амбиентниот воздух од сообраќајот и од согорување на дрвото како средство за затоплување.

Од Градот Скопје велат во рамките на мерките против загадувањето и борбата за почист воздух, пари се издвоени и во други сектори покрај во буџетот за животна средина. Тука влегуваат проектите за изградба на нови паркови, садење дрвја низ градот, изградба на велосипедски патеки, расчистување на диви депонии.

Набавката на еколошките автобуси кои годинава ќе се купат со кредит од Европската банка за обнова и развој, исто така е мерка против загадувањето-додаваат од Град Скопје.

Промовирани огласи »

На вчерашната владина седница беше прифатена предлог-програмата за обезбедување средства за болничко лекување без наплата на учество (партиципација) за пензионери и за обезбедување средства за специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги за корисниците на правото на социјална парична помош во Република Македонија за 2019 година, соопшти Владата.

Според програмата, пензионерите што имаат пензија пониска од 14.000 денари се ослободени од плаќање партиципација при лекување во болнички здравствени установи. А корисниците на правото на социјална парична помош се ослободени од партиципација при користење специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги во Република Македонија.

Промовирани огласи »

Високи казни за оние кои нема задолжително да ги кастрираат своите домашни миленици, ова е клучната измена во Законот за заштита и благосостојба на животните, предложен од страна на група пратеници од власта, со кој тие се убедени дека ќе се намали бројот на улични кучиња.

Во образложението на предлог-измените стои:

Сопствениците на кучиња кога тие се во репродуктивен период се должни да ги кастрираат или ојаловат во ветеринарни амбуланти, болници и клиники овластени со законските одредби за ветеринарна здравствена заштита, освен сопствениците на кучиња кои имаат регистрирано одгледувачници. Трошоците за овие постапки се на товар на сопствениците на кучиња, се вели во текстот.

Се предлага казна од 100 евра за сопствениците на кучиња кои нема да ги кастрираат и ојаловат своите миленици, како и зголемување на глобите за правни лица од 100 на 700 евра, доколку ги прекршат одредбите од член 27 од Законот, односно ако не го пријават своето куче еднаш годишно во ветеринарните амбуланти, потоа ако не истакнат табла која укажува на присуство на куче, ако на јавни места не ги држат на поводник, потоа ако не го пријават леглото во ветеринарна амбуланта, ако не ги пријават лицата кои ги вдомиле.

Со измените и дополнувањата на Законот за заштита и благосостојба на милениците што го предлага Агенцијата за храна и ветеринарство се забранува неконтролирано размножување и продажба на миленици, се забранува продажба на мачки и кучиња во продавниците за миленичиња, како и продажба на овие животни на малолетни лица.

Промовирани огласи »

Регулаторната комисија за енергетика денес ги соопшти новите цени на горивата.

Од полноќ бензините поевтинуваат за 2,50 денари, а дизелот 3 денари.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 2,50 ден/лит, во однос на цените утврдени со Одлуката од 24.12.2018 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 58,50 ден/лит, додека малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 60,50 ден/лит.

Малопродажните цени на дизелот ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат за 3,00 ден/лит, во однос на цените утврдени со Одлуката од 24.12.2018 година и со тоа малопродажната цена на дизелот ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 55,00 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) изнесува 43,50 ден/лит.

Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 2,227ден/кг во однос на цената утврдена со Одлуката од 24.12.2018 година и со тоа цената на мазутот М-1 НС изнесува 25,949 ден/кг.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »