Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ја покажа и пушти во промет новата редизајнирана картичка „скопска“ и тоа во два вида – персонализирана и неперсонализирана. Изгледа урбано со повесели бои и некаков цветен дизајн – асоцијација на нешто весело, пријатно, чисто. Ниеден од трите атрибути не соодветствува прво на цената на картичките, а потоа и на амбиентот во автобусите на ЈСП.
За дел од граѓаните ова е смешно, велат кога нешто се почнува да се менува треба да се почне од суштината кон изгледот, а не обратно.
И? Што ако има нова скопска?! На пример, линијата 118 кон Визбегово, никогаш, ама никогаш нема дојдено според планот на возен ред запишан на веб-страната на ЈСП. Прво почнува да доцни, па почнувам да се јавувам во централата на ЈСП, од каде како „од марс паднати“ ми велат „не знаеме зошто доцни и кога ќе дојде“. Надвор минусни температури, стоиме луѓе собрани и по 45 минути секој ден, а 118 некогаш доаѓа, некогаш не, раскажува Александра Ј. која работи во една од фирмите во Визбегово и секој ден патува на релација Визбегово- Аеродром.
Според неа, козметички корекции, како оваа на картичките, не треба да има, ами суштински на квалитетот на транспортот, кога веќе цената на билетите не е ниска како порано.
Но наспроти ова од ЈСП се фалат дека картичката била со специјална заштита за да не можело да биде злоупотребена.
Новите картички „скопска“ имаат и холограмска заштита, која овозможува поголем степен на безбедност од злоупотреба. Идејата и одлуката за новиот дизајн на „скопска“ се симболично поврзани со планираните новини што ЈСП-Скопје ќе ги реализира во текот на годинава, како набавка на нови автобуси и корекции во системот за наплата – информираат од ЈСП.
А што се однесува до останатите реформски проекти, претпријатието ги најави следниве:
Во текот на април да се воведе и електронски билет за едно возење, а од јуни да се имплементира и напредна апликација за паметни уреди, со кои на граѓаните ќе им се овозможи максимална флексибилност при користењето и купувањето на нашите услуги.
Паралелно ќе го надградиме системот за електронска локација на возилата, кој ќе овозможи попрецизно и визуелно информирање на граѓаните за да можат полесно да го планираат патувањето, соопштуваат од ЈСП.
И додека ЈСП сонува сајберски, можеби следната, нова или редизајнирана картичка, ќе ги „носи“ навреме возачите на автобуските станици… Како и да е, граѓаните плаќаат и очекуваат вистинска услуга, а не шминка. Впрочем, јавниот превоз треба да е опцијата наместо автомобилите во екстремно загадените денови нели?