Промовирани огласи »

Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ја покажа и пушти во промет новата редизајнирана картичка „скопска“ и тоа во два вида – персонализирана и неперсонализирана. Изгледа урбано со повесели бои и некаков цветен дизајн – асоцијација на нешто весело, пријатно, чисто. Ниеден од трите атрибути не соодветствува прво на цената на картичките, а потоа и на амбиентот во автобусите на ЈСП.

За дел од граѓаните ова е смешно, велат кога нешто се почнува да се менува треба да се почне од суштината кон изгледот, а не обратно.

И? Што ако има нова скопска?! На пример, линијата 118 кон Визбегово, никогаш, ама никогаш нема дојдено според планот на возен ред запишан на веб-страната на ЈСП. Прво почнува да доцни, па почнувам да се јавувам во централата на ЈСП, од каде како „од марс паднати“ ми велат „не знаеме зошто доцни и кога ќе дојде“. Надвор минусни температури, стоиме луѓе собрани и по 45 минути секој ден, а 118 некогаш доаѓа, некогаш не, раскажува Александра Ј. која работи во една од фирмите во Визбегово и секој ден патува на релација Визбегово- Аеродром.

Според неа, козметички корекции, како оваа на картичките, не треба да има, ами суштински на квалитетот на транспортот, кога веќе цената на билетите не е ниска како порано.

Но наспроти ова од ЈСП се фалат дека картичката била со специјална заштита за да не можело да биде злоупотребена.

Новите картички „скопска“ имаат и холограмска заштита, која овозможува поголем степен на безбедност од злоупотреба. Идејата и одлуката за новиот дизајн на „скопска“ се симболично поврзани со планираните новини што ЈСП-Скопје ќе ги реализира во текот на годинава, како набавка на нови автобуси и корекции во системот за наплата – информираат од ЈСП.

А што се однесува до останатите реформски проекти, претпријатието ги најави следниве:

Во текот на април да се воведе и електронски билет за едно возење, а од јуни да се имплементира и напредна апликација за паметни уреди, со кои на граѓаните ќе им се овозможи максимална флексибилност при користењето и купувањето на нашите услуги.

Паралелно ќе го надградиме системот за електронска локација на возилата, кој ќе овозможи попрецизно и визуелно информирање на граѓаните за да можат полесно да го планираат патувањето, соопштуваат од ЈСП.

И додека ЈСП сонува сајберски, можеби следната, нова или редизајнирана картичка, ќе ги „носи“ навреме возачите на автобуските станици… Како и да е, граѓаните плаќаат и очекуваат вистинска услуга, а не шминка. Впрочем, јавниот превоз треба да е опцијата наместо автомобилите во екстремно загадените денови нели?

Промовирани огласи »

Ова е насловот на веста за Горјан Јовановски, креаторот на апликацијата Мој воздух која на Скопјани им даде најдобар увид за квалитетот на воздухот во главниот град.

Според Форбс, македонските градови Тетово и Скопје се едни од најзагадените градови во светот во 2018 година со индекси на загаденост од 95.57 и 83.53.

Горјан Јовановски е софтвер инженер кој во 2014 година ја креираше апликација Мој воздух, која собира податоци од различни делови во Македонија. Според Горјан, популарната апликација меѓу Скопјани започнала како вебстрана, со што потоа станала апликација за полесен пристап до информациите од страна на граѓаните. Тој додава дека претходно ниту една платформа не овозможувала пристап на граѓаните до ваквите информации на јасен и разбирлив начин и тоа била неговата причина за креирање на оваа апликација.

Според него, луѓето воопшто не верувале дека е толку загадено. Граѓаните знаеле дека не е најдобро, но понекогаш е дури 20 пати повисоко од дозволениот лимит.

Мој воздух е даулоундирана од 100.000 корисници на Android и iOS платформата, а таа опфаќа податоци од околу 40 мерни станици низ Македонија.

Повеќе за Горјан Јовановски и апликацијата Мој воздух можете да прочитате на следниот линк.

Промовирани огласи »

Индонезија би можела да влезе во првите пет економии во светот до 2030 година. 

Standard Chartered излезе со ваква прогноза. 

Со над 238 милиони жители, Индонезија е четвртата најнаселена држава во светот и е земја со најголем број на муслимани. 

Индонезија има мешана економија во која и приватниот и државниот сектор имаат значајна улога. Индонезија е најголемата економија во југоисточна Азија и е членка на големите економии Г-20. Номиналниот бруто домашен производ во 2010 година изнесуваше 706.72 милијарди долари, номиналниот БДП по жител изнесуваше 3.015 долари, а БДП според паритетот на куповна моќ изнесуваше 4.394 долари. Индустрискиот сектор е најголем со 46.4% од вкупниот БДМ, потоа услужниот сектор со 37.1% и земјоделството со 16.5%. Сепак, од 2010 година услужниот сектор има најмногу вработувања односно 48.9% од вкупната работна сила, потоа земјоделството со 38.3% и индустријата со 12.8%. Сепак, земјоделството со векови беше најголемиот работодавец.

Главни извозни пазари се Јапонија (17.28%), Сингапур (11.29%), САД (10.81%) и Кина (7.62%). Најголеми увезувачи во Индонезија се Сингапур (24.96%), Кина (12.52%) и Јапонија (8.92%). Во 2005 година Индонезија имаше трговски суфицит со извозни приходи кои изнесуваа 83.64 милијарди долари и увозни трошоци кои изнесуваа 62.02 милијарди долари. Земјата е богата со природни ресурси како што се: сурова нафта, природен гас, калај, бакар и злато. Индонезија увезува машини и опрема, хемикалии, горива и прехрамбени производи а извезува нафта и гас, електрични апарати, иверица, гума и текстил.

фото Википедија

Промовирани огласи »

Секој корисник има право предвреме, кога сака, целосно или делумно да го врати банкарскиот потрошувачки кредит. Притоа, според Законот за потрошувачки кредити, точно се знае колку банката може да го „напенали“.

Но, до Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) многу често стигнуваат поплаки од граѓани. Велат дека банките им наплаќаат 30 отсто од целата сума на крадитот што решиле предвреме да го исплатат, а според Законот максималната „казна“ е 0,5 до еден процент.

Многу често се случува банките да наплатат огромна ставка пенали со што е директно оштетен потрошувачот. Според Законот, кредиторот има право да наплати пенал од еден процент за кредит кој има повеќе од една година, а 0,5 процент за кредит кој има помалку од една година. Ако сте во третата година од враќање на вашиот кредит, а ви  останале уште две години, банката смее да ви наплати само еден процент од вкупната вредност на кредитот. Ние добиваме поплаки дека наплаќаат 30 проценти од целата вредност на кредитот. Ако станува збор за мал кредит од 300 евра не е многу пари, но ако се работи за 100 или 200 илјади денари, тогаш е веќе дискутабилно, вели Стефан Момиќ од ОПМ.

Според него, друг, исто така многу чест проблем е откажувањето од договорот за потрошувачки кредити.

Можете да се откажете од потрошувачкиот кредит во рок од 14 дена иако сте потпишале договор 

Дали потрошувачот има право да се откаже од кредитот без да изнесува причина? Да. Ако утре одлучите да одите во банка за да земете кредит, задутре можете да го поништите барањето. Исто како кај секој производ. Ваше право е, без никаква наведена причина, во рок од 14 дена да се откажете од земањето крдит. Но, според нашата анализа, оваа ставка е многу често скриена од страна на кредиторот. Банката не ја дава оваа опција, не ја наведува. Затоа и потрошувачот не е свесен дека може да се откаже од земање на кредитот. Практично, се искористува неговата неинформираност, нагласува Момиќ.

Новокомпонирани финансиски друштва ги искористуваат граѓаните

Во последно време се поактуелни стануваат т.н. брзи кредити. За да ги заштити потрошувачите, ОПМ конкретно за овој сегмент поттикна измени на Законот за потрошувачки кредити.

Измените се реакција на малите, новокомпонирани финансиски друштва кои најчесто се со странски управители, а се дојдени од некоја друга земја во Македонија и притоа нашле дупка во Законот. Сега го искористуваат обичниот граѓанин. Со брзите кредити што ги нудат, не се опфатени луѓето со високи примања, туку оние „обичните“ кои немаат никаков поим во врска со потрошувачките кредити. За земање вакви кредити потребна е само лична карта. Се бараат и примања, но има и такви кои не бараат. Дупката во законот е тоа што за кредит до 200 евра не е потребна никаква кредитна анализа. Институцијата во таков случај не влегува во никаков ризик. Таа е осигурана. Од друга страна, ви нуди кредит со нула проценти камата, што е нереално. Но, на таа нула отсто камата, вкупните трошоци во форма на провизија и потпишување договор, изнесуваат до 200 проценти од кредитот. Затоа ние инсистираме на промена на овој Закон, објаснува Момиќ.

Со законските измени се бара да се ограничат овие вкупни трошоци, да не може да изнесуваат 200 проценти, туку да бидат максимум 55 отсто.

Во ваков случај, на овие новокомпонирани институции нема да им се исплати да влезат во таков ризик. Сега, со 200 до 300 проценти тие се обезбедени и од десет луѓе двајца да им ги покријат тие средства, се доволни, вели Момиќ.

Граѓаните може да побараат помош од ОПМ

Ако потрошувачот е оштетен, а земал кредит од банка, треба да ја извести Народната банка, ако кредитот му е земен од некое финансиско друштво како овие за брзи кредити, треба да го извести Министерството за финансии, додека пак, ако кредиторот е од трговско друштво, односно продавница, тогаш треба да се извести Државниот пазарен инспекторат.

Најпаметно е секој оштетен потрошувач да се обрати до ОПМ каде бесплатно ќе добие совет, каде да се обрати и кои се неговите права, наместо да троши енергија, шетајќи по институции, потенцира Момиќ.

ОПМ апелира пред да се земе кредит да се размисли дали е тоа навистина потреба или желба. Доколку се земе, внимателно да се читат условите и договорот. Информира и дека постои алатка т.н. Финансиски калкулатор на која може да се споредат сите видови кредити од сите банки и да се одбере најсоодветниот, наместо да се оди од банка во банка и да се прашува.

Најдобро е никогаш да не се задолжуваме кај неовластени даватели на кредити. Институцијата што дава кредит треба да е етаблирана на пазарот, да постојат информации за неа, да има искуства од други клиенти. Ако земете кредит, тогаш најдобро е договорот да го имате во писмена форма. Инсистирајте на тоа, порачува Момиќ од ОПМ.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »