Од април дополнителни боцкања за бебињата во центрите за имунизација. Вакцините против пневмококна бактерија и рота вируси ќе бидат задолжителни за сите деца. Иако здравствените власти ги најавуваа по нова година, го пролонгираа проширувањето на календарот поради незавршениот тендер за набавка на вакцини.
Постапката за јавна набавка е во тек, а во Македонија овие вакцини ќе бидат дел од задолжителниот календар за имунизација од април, оваа година. Според Календарот, децата на возраст од 1 година треба да ги примаат овие вакцини, стои во писмениот одговор од Министерството за здравство.
Лекарите се убедени дека додавањето на овие две вакцини во календарот за имунизирање е во интерес на малите деца бидејќи и двете заболувања предизвикувале сериозни компликации до 5 годишна возраст.
Треба да бидат задолжителни бидејќи рота вирусите предизвикуваат чести столици и дехидрирање кај новороденчиња, а стрептокока бактеријата предизвикува пневмонија и да ви кажам и досега иако не беше задолжителна родителите доаѓаа и ги вакцинираа децата со пневмококната вакцина, вели др. Даниела Марковска од диспанзерот во поликлиника Јане Сандански.
И додека педијатрите сметаат дека ќе има само бенефит од нови задолжителни вакцини, родители со скептицизам за најавите на здравствените власти. Иако за дел од нив имунизацијата е причина за искоренување на голем број опасни заболувања, сепак, не веруваат дека има потреба од проширување на календарот за вакцинирање.
-Не сакам да судам, ама незнам како е во други земји дали е задолжително и дали ако дете заболи од рота вируси не се толку опасни компликациите колку на пример нус појавите од вакцините..
--Не, не верувам, јас не го вакцинирам моето дете
-Секако можеби е во ред за заштита на јавното здравје, но родителите одлучуваат, велат родители
Пневмококната вакцина е со три дози и една ревакцинација а рота вакцината ќе има две или три боцкања, но тоа надлежните ќе го утврдат по завршување на тендерот за набавка на вакцини.