До крајот на годината треба да бидат удрени темелите на Новиот клинички центар кој што треба да чини од 420 до 500 милиони евра.
Новиот Клинички центар се планира да биде лоциран на околу 90 хектари во општина Ѓорче Петров, конкретно под обиколницата на излезот од Скопје кон Тетово. Но одлуката се уште не е конечна, бидејќи до крајот на месецот треба да ја разгледа од страна на сите министри и донесе на владина седница.
Како што потврдуваат од Министерството за зравство токму оваа локација била највисоко рангирана од страна на експертите кои што работеле на оваа проблематика изминативе неколку месеци. Надлежните сметаат дека со изградбата на објектот во местото наречено Ѓорче кое што во целост е во државна сопственост нема да се губи време за решавање на имотно правните односи.
Во март минатата година Владата одобри новиот модерен Клинички центар да се гради во Злокуќани во непосредна близина на специјалната болницата во Бардовци, но поради проблеми со решавањето на имотно правните релации за земјиштето оваа локации стана спорна. Реакции имаше и од археолозите кои што укажаа дека градежните активности можат да уништат значајни археолошки наоди во древниот локалитет Скупи кој е во непосредна близина.
Во меѓувреме Министерството за здравство направило и своја методологија за бодување на предложените локации. Имаше и стручна дебата со претставници од повеќе државни институции, а се вклучија со анализи и македонските архитекти.
-Ги бодувавме сите три во поглед на пристапност, местоположба, водовод струја што е многу важно и при крај сме со тие анализи и следните недели Владата треба да одлучи за изборот на локацијата, но како сега стојат работите со бодувањето Ѓорче Петров е во предност. Во општината веќе прават и план за урбанизација на просторот- објасни деновиве министерот за здравство Венко Филипче И дополни дека за тоа како треба да изгледа објектот разговарале дополнително со директорите на клиниките.
Министерот потврди дека од 400 до 500 милиони евра ќе чини изградбата на Новиот клинички центар, па затоа ќе се бараат инвеститори
-Имаме позитивни сигнали од банката при советот на Европа која ни е долгогодишен партнер и сум уверен дека ќе најдеме- вели првиот човек на ресорот здравство Филипче.
Министерот дополни дека во овој коплекс ќе биде вклучен и медицински факултет, истражувачки центар и кампус за сместување на студенти по медицина.
За Филипче тоа ќе биде мал медицински град со лесен пристап за сите граѓани. Според него конечната одлуката за дислокација е донесена откако се направени консултации со лекарите, Асоцијацијата на архитектите, граѓаните и здруженијата.
Изградбата на новиот Клинички центар се очекува да трае четири до пет години.