Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески се надева дека до 2030-та возови ќе можат да пренесуваат директно патници до скопскиот аеродром, согласно Националната транспортна стратегија што ја донесе Владата во која се опфатени 104 активности кои до тогаш ќе чинат 4,2 милијарди евра.
Ова е проектот кој предизвикува најмногу внимание, а идејата, како што посочуваат од Министерството за транспорт и врски, не е нова, но условите за нејзина реализација се должат на тоа што е достигната потребната бројка на бројот на патници на аеродоромот кој станува се поголем од година в година.
Исплатливоста на пругата од скопска железничка станица до аеродромот беше авионскиот превоз да привлече до два милиони патника бидејќи кога се правеа анализите, тие покажаа дека кога ќе се постигне ова, тогаш ќе биде исплатлива оваа релација бидејќи инвестицијата е значителна, истакна Билјана Здравева, раководител на секторот железници.
За овој проект е планирано да се одвои крак кај Миладиновци за аеродомот, а прв чекор што ќе се направи ќе биде комплетирањето на документацијата.
Крајната цел на Националната стратегија за транспорт е да се развие хармонизиран транспртен сектор што е меѓународно компатибилен и интегриран во европскиот систем на транспортни мрежи, а кој ќе го стимулира економскиот и социјалниот развој на земјата, ќе ја чува животната средина и ги обезбедува потребите на идните генерации, рече Сугарески.