Менка Стојаноска од Скопје е единствената жена меѓу 19 нови пожарникари кои беа избрани на конкурсот на Град Скопје за подмладување на Бригадата за противпожарна заштита.
Стојаноска (29) сега е втора жена меѓу 190 пожарникари кои секојдневно гасат пожари низ градот и интервенираат при сообраќајни и други несреќи, пишува САКАМДАКАЖАМ.МК.
Желбата да се пријавам за пожарникарка спасител се појави сосема спонтано, созревајќи и спознавајќи се себеси. Пред три години слушнав дека има оглас за вработување на пожарникари, но не добив на време информации за огласот, па го пропуштив рокот за пријавување. Но, ете сега повторно имаше оглас, а желбата кај мене е уште поголема. Мислам дека со мојот карактер се пронаоѓам во она што го нуди ова професија и што се бара од неа, вели Стојаноска.
Таа кажува дека кога ги доставила документите за пријавување на огласот во Град Скопје, наишла на позитивна реакција. Била единствена девојка меѓу 60 пријавени кандидати. Потоа, сите кандидати требало да минат тестови за физичка подготвеност во кои влегувало качување со надворешна скала, качување со апарат, качување по внатрешни скали и по јаже, пливање, трчање, правење склекови, стоење покрај ѕид.
Со години тренирам боречки вештини, сум се натпреварувала во бразилско џуиџитсу, џудо и борење слободен стил. Токму тоа ми помогна без проблем да ги минам тестовите за физичка подготвеност. Но, менталната подготвеност и тимската работа е она што најмногу е потребно во оваа професија и токму тоа беше пресудно дали ќе минеме на интервјуто, вели Стојаноска.
Комисијата за селекција на кандидатите одлучила дека Менка ги исполнува условите да биде дел од новите 19 пожарникари на Пожарната бригада.
Пресреќна бев кога ми кажаа дека сум поминала, дека се задоволни од мене и од интервјуто виделе дека многу ја сакам оваа професија, а резултатите од физичките тестови ми биле одлични. Свесна сум колку е тешка и одговорна оваа професија, но доволно сум зрела и возразна и ќе дадам сè од себе да бидам успешна. Не сум била во ситуација да видам поголем оган и сигурно нема да ми биде сеедно. Но, знаејќи дека помагаш некому, спасуваш луѓе или нечиј дом кој со години тоа семејство го градело, е она што прави сè друго да се заборави, вели Стојаноска.
Таа е свесна дека оваа професија се смета за машка и дека можеби кај некои колеги има сомнежи во неа, но вели тоа нема да ја обесхрабри и ќе ги увери во спротивното.
Можеби кај нас се смета дека пожарникарството е машка професија. Не гледам пречка зашто девојка не може да биде пожарникар. Кога не гледаш препреки и силно сакаш нешто, многу полесно тоа се остварува и околината со тек на време ја прифаќа таа идеја. Во разговори со постарите колеги се почуствував прифатена, сакаат да го пренесат нивното знаење и на сите нови кандидати ни велат едвај чекаме да влезете во смена. Претпоставувам кај некого има и сомнежи, но мене ми останува да ги убедам во спротивното, вели Стојаноска.
Во станицата во Автокоманда на Денот на пожарникарите – 20 Мај, таа и останатите 18 кандидати ќе бидат назначени за пожарникари спасители.