Министерството за внатрешни работи побара од Министерството за здравство документација за истрагата што ја отвори Обвинителството околу вакцините на кои имаше декларации со истечен рок.
Сè уште нема информации за кои документи биле заинтересирани инспекторите на МВР и дали имало пропусти во текот на постапката за снабдување на вакцините против мали сипаници, морбили.
Од Обвинителството велат дека до нив не пристигнал извештај за истрагата на МВР. Во меѓувреме, во зависност од извештајот на обвинителството, се очекува да се изречат казни за лекарите на здравствените установи кои на децата им ставале од овие вакцини.
Во меѓувреме, сè уште не се знае ниту кога ќе бидат уништени спорните вакцини. Иако Агенцијата за лекови најави дека тоа се планира за четврток во скопската депонија Дрисла, од Обвинителството пред неколку дена соопштија дека вакцините ќе останат во просториите на Македонија Лек до завршување на истрагата.
Од друга страна, бројот на заразени од мали сипаници расте секој ден. Во последните 24 часа на Инфективната клиника во Скопје биле примени 14 нови пациенти, а еден е хоспитализиран. Станува збор за 39-годишна жена од Гостивар. Во моментов, 22 пациенти се хоспитализирани, но нивната состојба е стабилна.