Македонците најчесто склучуваат мешани бракови со припадниците на српската заедница, и ова може да се забележи од податоците на Државниот завод за статистика за 2017 година.
Минатата година 69 Македонки стапиле во брак со Срби, а 83 невести од српска националност се омажиле за Македонци.
Веднаш зад Србите по бројност се Албанците.
Голем број Македонци се женат со Албанки од соседна Албанија. На вакви бракови најчесто се решаваат мажите од руралните средини. Во бројки, минатата година 57 жени Албанки се омажиле за Македонци, а 23 Македонки за Албанци.
Од друга страна во истиот период 9 Турчинки се омажиле за Македонци, а 25 Македонки се венчале со Турци.
Податоците покажуваат дека 7 Влаинки се омажиле за Македонци, додека двојно повеќе Македонки се омажиле за Власи.
Дванаесет Бошњачки лани се омажиле за Македонци и исто толку Македонки за Бошњаци.
Има 8 регистрирани бракови меѓу младоженец Македонец и Ромка, и исто толку помеѓу Ром и Македонка, покажуваат статистиките.
Во Македонија постојано се намалува бројот на етнички мешани бракови. Во последните 40 години бројката била дури преполовена.
Социолозите сметаат дека во државава има традиција да се склучуваат хомогамни бракови по сите основи, односно и двајцата брачни другари да бидат од иста етничка или религиозна припадност.
Под 10 отсто е бројот на склучени мешани бракови. Тој процент се провлекува со години. Таквите бракови повеќе се осудени од средината, а тој притисок често доведува и до развод на таа заедница.
Според социолозите, не може да се прави споредба со бројот на склучени мешани бракови во европските земји и кај нас, зашто таму е сосема нормално двајцата брачни другари да имаат различна националност и вероисповед. Слична е состојбата кај соседите, како во Србија, Хрватска, Грција и во Бугарија, каде што се внимава на тоа сопружниците да бидат од иста нација и вера.