Во сила стапи Законот за измени и дополнување на Законот за возила со кој се предвидува субвенционирање на граѓаните што ќе набават ново или половно возило со EURO 5 или повисоки еколошки стандарди, субвенции за вградување на плински или метанов уред во возилата со EURO 4 и понизок стандард и воведување на еколошки налепнции за возилата. Сепак, условите и критериумите за субвенции за набавка на возило се уште не се утврдени, а одредбата за еколошки налепници има одложено дејство и ќе стапи на сила по 12 месеци, пренесе МИА.
-Условите и критериумите за субвенција на возила ќе се одредат во Програма за субвенционирање која ќе биде донесена и објавена од страна на Владата. Во нив ќе се прецизира колку пари ќе се субвенционира за набавка на возило со EURO 5 стандард и повеќе, дали висината на субвенцијата ќе зависи од набавната цена и како ќе се утврдува за половни возила, како и дали ќе се субвенционираат и граѓаните кои сами ќе набават возило од странство, велат од Министерството за економија.
Според нив, откупот на старо возило ќе биде единствен услов за добивање субвенција за ново возило и се уште не е прецизирано дали субвенционирањето ќе биде по принципот „прв дојден, прв услужен“ или ќе добива секој без разлика колку ќе купат нови возила. Во моментов во соработка со другите министерства, посочуваат, се разгледува и дали субвенцијата ќе се добива откако претходно граѓанинот целосно ќе го плати новото возило или на некој друг начин.
Во законското решение се предвидени 170 милиони денари за субвенционирање на вградување на плински и метанов уред во возилата со EURO 4 стандард и помалку, како и за купување на половно или ново возило со повисоки еколошки стандарди по системот старо за ново. Првично овие средства беа предвидени за субвенционирање на набавка на нови хибридни и електрични возила, но со амандманите решението се преиначи. Сепак, оние што ќе купуваат хибридни и електрични возила ќе можат да користат субвенции од програмата старо за ново возило.
Лани во земјава биле регистрирани 477.350 возила, од кои околу 60 отсто се дизел автомобили. Од нив 90 отсто се постари од 10 години.
Ќе се субвенционира и набавка на полвни возила со EURO 5 или повисок стандард
Министерот за економија Крешник Бектеши во интервју за ТВ Алсат најави дека се предвидува да се субвенионира и набавка на половни возила со EURO 5 и повисок стандард од салоните на импортерите на половни возила по принциопот старо за нова, а единствен услов за тоа е да се одјави претходното возило.
Тој неодамна ги презентираше измените во Законот за возила и посочи дека се плод на барањата на граѓаните за намалување на загадување на воздухот од страна на возилата и се однесуваат за две важни подрачја, сообраќајот и екологијата. Прецизира дека субвенционирањето се очекува да почне од наредната година, но додаде дека е можно да се случи и порано доколку се обезбедат средства со најавениот ребаланс на Буџетот.
Бектеши појасни дека со измените се воведуваат субвенции за вградување на уреди на течен нафтен гас (плин) или компримиран земјен гас односно метан, субвенции за купување на ново возило илиполовно возило што ги задоволува повисоките еколошки стандарди, ако претходно користеното се одјави. Се воведува и еколошка категоризација на возилата во зависност на стандардите кои ги исполнуваат. Тие доброволно ќе се одбележуваат со зелена, жолта и црвена налепница, а се воведуваат и жолти регистарски таблички за таксистите и унифицирана светлечка табла за такси возилата.
Со мерката за субвенционирање на трошоци за вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во постоечките возила се предвидува да се субвенцинира 50 отсто од цената на трошоците за набавка и вградување на уредот, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност за возило и се предвидува да бидат опфатени над 1.200 возила на годишно ниво, рече тогаш Бектеши.
За мерката за субвенционирање на купување на ново лили половно возило со одјава на старо возило, додаде, се предвидуваат субвенции од две до три илјади евра во денарска противвредност, како и во првата година да се субвенционира набавката на 200 до 500 возила. За еколошката категоризација на возилата истакна дека ќе биде на доброволна база и ќе има три категории со различни бои на налепници. На барање на здруженијата за автотакси превоз се воведуваат жолти таблици за такси возилата, со цел да се препознаваат лиценцираните и регистрираните такси возила, и да се спречи нелојалната конкуренција.