Промовирани огласи »

Врежано е мислењето дека во Германија се високи платите. Тоа е причина зашто многумина, меѓу нив и македонски државјани решаваат да дојдат и да работат тука. Но, колку се тие навистина високи? И колку „зема“ државата?

Бројките не лажат - но треба да се знае правилно да се „читаат“. Така, на пример, треба да се знае, кога во Германија ќе ги прашате луѓето колкава им е месечната плата, да добиете одговор за бруто, а не за нето износ. Статистиките, пак, зборуваат дека просечната месечна бруто плата во Германија во 2018 година изнесувала околу 2.950 евра. Просечната нето плата која им била исплатена на вработените во Германија, меѓутоа, е значително пониска, поточно 33 отсто пониска - и изнесувала 1.945 евра. Зад тие речиси 1.000 евра разлика меѓу бруто и нето износот стојат давачките кон државата во вид на данок и придонеси за разни осигурувања. Висината на данокот, кој месечно се одбива од платата, притоа, зависи од даночната класа на вработениот (1-6), која пак, зависи од тоа дали тој живее во брачна заедница, дали е самохран родител, дали работи неговиот брачен партер, заработува ли едниот брачен партнер значително повеќе, дали работи на повеќе работни места...

Нето и бруто платата во Германија

За да покажеме како тоа изгледа во пракса, пресметавме бруто и нето плата во два случаја: за еден брачен партер кој повеќе заработува од другиот, има 2 деца и просечна плата од 2.948 евра месечно и за самец без деца кој има иста плата.На таткото или на мајката на двете деца - откако ќе им се одбијат 167 евра данок, 215 евра (7,65%) придонес за здравствено осигурување, 274 евра (9,2%) за пензиско осигурување, 36 евра (1,25%) за осигурување во случај на невработеност и 45 евра (1,525%) за осигурување за нега во староста - на сметката остануваат 2.029 евра. Кај лицето, кое живее без брачен партер и нема деца, на сметката на која се уплаќа месечната плата во бруто износ од 2.948 евра ќе се најдат само 1.944 евра, бидејќи данокот кој мора да го плати е значително повисок. Освен тоа, мора да плати и 22 евра данок за солидарност од кој мајката или таткото со двете деца од претходниот пример се ослободени. Ако притоа е и член на католичката или протестантската заедница, тогаш на неговата сметка ќе се најдат уште 40 евра помалку.

Најдобро и најлошо платени професии

Просечната плата, меѓутоа, е апстрактен статистички податок кој не зборува многу за тоа колку добро или колку лошо се платени вработените во одделни бранши. Разликата меѓу оние кои се на врвот на листата на примања и оние кои се на нејзиното дно е огромна. Докторите примариуси заработуваат во просек над 120.000 евра годишно, значи, над 10.000 евра бруто месечно, малку помалку менаџерите во трговскиот и финансискиот сектор, а 30-тина илјади евра годишно помалку докторите специјалисти - и тоа без кадровска одговорност.

Повеќе:

-Многу работа, мала плата

-Минималната плата не заштитува од сиромаштија?

-Нега на стари лица- за мала плата и навреди

Оние на крајот на листата се жалат дека едвај составуваат крај со крај. На неславното последно место се наоѓаат помошниците во кујните, кои заработуваат во просек помалку од 2.000 евра бруто месечно, додека келнерите и фризерите, заработуваат 10-50 евра повеќе. Меѓу најлошите платени професии се агентите во кол-центрите, куварите, помошниот персонал во стоматолошките ординации, негувателите и возачите на камиони. Значително пониска од просечната германска плата имаат и медицинските сестри со мало работно искуство (во јавните здравствени установи), како и негувателите во градинките.

Повисоки од европскиот просек, пониски отколку во Швајцарија

Значи, дали се високи платите во Германија? Од македонска перспектива и тоа како. Треба притоа да се нагласи, дека тука секогаш  станува збор за уредно регулираните, пријавени и платени работни односи. Работењето „на црно“ е надвор од сите овие статистики - и закони. Платите во Германија се значително повисоки од европскиот просек, но пониски отколку во Швајцарија, Луксембург и Данска. Тоа го зборуваат „голите“ статистики и бројки. Но, кога зборуваме за висината на платата, секогаш е важно да се гледа и поширокиот контекст: колкави се животните трошоци, пред се за храна и домување, каква е ситуацијата на пазарот на труд, колку се платени одделни професии. Корисно е, на крајот, да се знае и овој податок: во 2017 година едно германско домаќинство во просек потрошило 2.517 евра, од кои 897 евра само за стан и режиски трошоци.

Промовирани огласи »

Ако сите жители на Македонија засадат макар по едно дрвце, за неколку години ќе се види ефектот и ќе имаме почист воздух.

Матеј Гогоски, екологист од Струга вели дека околу два милиони садници би помогнале да се бориме против аерозагадувањето кое на сите им штети. Тој советува дека дел од дрвцата ќе дадат ефект по 5, а други по 10 години. Оние дрвја кои имаат поголема лисна маса, апсорбираат повеќе штетни материи од воздухот. Може да се засадат даб, јасен, бука, а од зимзелените бор, елки и слично.

За зимзелните дрвца ќе треба да поминат 10 или повеќе години за да можат да помогнат за почист воздух, а на другите им треба значително помалку време. Ако секој жител на земјава засади барем по една садница, ќе биде подобро за сите. Колку се поголеми лисјата на едно дрво, толку е поголема можноста да ги апсорбира штетните материи и да испушта кислород. Сепак, кај нас има се, само нема луѓе за работа, нема активности. Се знае дека пошумувањето е долготраен процес, а гледаме дека никој не пошумува, туку сече кој каде ќе стигне, вели тој.

Додава дека многу е важно квалитетно и соодветно да се изврши пошумувањето, за да една садница успее.

Македонија се соочува со загаден воздух, и не е само Скопје, туку и Тетово, Битола и Куманово го имаат истиот проблем. Но, кулминацијата допрва ќе следи. Загадениот воздух на директен или индиректен начин секоја година зема илјадници животи. 

Скоро 1.500 луѓе во 2015 година во Македонија починале од последиците од загаден воздух.

Лошиот квалитет на воздухот во 2016 година предизвика најмалку 400.000 предвремени смртни случаи во Европа, а речиси секој Европеец кој живее во град е изложен на загадување кое го надминува здравото ниво, се посочува во објавениот изјвештај на Европската агенција за заштита на животната средина (ЕЕА).

Промовирани огласи »

Владата денеска на седница ја прифати Информацијата на Министерството за образование и наука за воведување пилот програма за сеопфатно сексуално образование во 9-тиот степен на основното образование во четири училишта, две во урбана средина, едно во рурална средина и едно училиште каде мнозинство од учениците се од малцинските етнички заедници.

Пилотирањето, согласно Акцискиот план е предвидено да отпочне со реализација во 2021 година, откако претходно ќе бидат завршени сите планирани чекори: изработка на материјали за обука на наставниците, обука на наставниците и изработка и пилотирање на инструментите за евалуација на пилот програмата.

фото јутарњи

Промовирани огласи »

Да се намалат квотите за запишување ученици во гимназиите и другите општествени струки, а една третина од вкупниот број слободни места да бидат за средните стручни училишта, предлага Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССК).

Како што беше речено денеска на прес-конференција, само на компаниите на територијата на Гази Баба им се потребни повеќе од 650 квалификувани работници од машинската и енергетската област.

Дојдено е време од промоции и кампањи да преминеме на преземање конкретни чекори како што е реформата во училиштата. Не знам точно колкави се платите за стручните кадри во индустријата, но сигурно се повисоки од оние на кадрите во општествените и ненасочените струки. Кај квалификуваниот средношколски кадар, не постои невработеност, истакна Трајан Ангелоски од Индустриската комора во ССК.

Тој изнесе и уште две барања на ССК, едното во врска со, како што рече, минималното инвестирање во индустриските зони, а другото за усогласување на законските промени со актуелните случувања во стопанството.

Цената на локациите во зоните е превисока. Нашето барање е секој квартал општините да објавуваат на продажба слободни локации за изградба на нови капацитети, посочи Ангелоски, додавајќи дека притоа не треба да се заборават постојните индустриски зони кои моментно, според него, се останати на ниво од пред половина век.

Став на ССК е и да се воспостави квалитетен механизам за усогласување на разликите меѓу законите од економската сфера. – Доколку изградите фотоволтаична централа со сите потребни дозволи и лиценци, тогаш сте лишени од финансиската поддршка за инвестиции. Практично ќе добиете лиценца од Регулаторната комисија за енергетика, но со тоа ќе ви се елиминира можноста за користење на поволностите од Законот за финансиска поддршка, објасни Ангелоски.

Осврнувајќи се на последните податоци од Државниот завод за статистика, според кои, индустриското производство е зголемено за 6,1 отсто, Ангелоски потенцира дека ако земјава сака да се приклучи кон државите со висок технички и технолошки развој, потребно е минималниот процент на раст да изнесува седум до девет отсто годишно и таквиот тренд да го одржува во континуитет од пет до 10 години.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »