Приходите кои можеле да се приберат од прогресивното оданочување и повисоката стапка на личен доход се помали за 51,2 отсто во однос на потенцијалот, покажува анализата на Министерството за финансии насловена „Како до сеопфатен, фер и ефикасен данок вo Република Северна Македонија“, објавена на веб-страната на Министерството.
„Вкупно, износот на остварени приходи само од прогресивната и повисока стапка на личен доход, со анулиран ефект од пораст на плати и вработувања, за првите 6 месеци од 2019 е 12,7 милиони евра. Потенцијалниот приход, доколку субјектите не го променeле своето однесување, ќе бил 19,2 милиони евра. Оттука, вкупно изгубените приходи што можеле да се приберат, а не се прибрале, се оценети на 6,5 милиони евра, што претставува 51,2 отсто од прибраните приходи од прогресивниот и повисок данок на доход. Тоа се средства кои буџетот можел да ги има, но не ги добил поради промената во однесувањето на даночните обврзници“, пишува во анализата.
Потенцијалните објаснувања за промената на однесувањето на обврзниците се дека мерката била воведена во специфичен политички и општествено-економски контекст. Исто така, обврзниците имале чувство дека не биле консултирани, како и дека не добиваат повеќе и подобри услуги, а плаќаат повеќе.
Високиот удел на сивата економија, односно меѓу 30-40 отсто, е уште едно од објаснувањата за промена на однесувањето на обврзниците. Гледајќи дека има висок степен на неформална економија обврзниците имаат став „Зошто јас да плаќам повеќе, ако тој не плаќа воопшто?“, се вели во анализата.
Анализата посочува дека покрај дизајнот на самото решение на даночната реформа, подеднакво важен е и начинот и тајмингот на спроведување.
Понатаму во анализата се наведува дека Република Северна Македонија спаѓа во земјите кои имаат умерено ниво на доходна нееднаквост, мерена според коефициентот Џини, што значи дека постои нееднаквоста, но истата е умерена. За да може да се влијае на понатамошно намалување на нееднаквоста со даночна политика, пред сѐ треба да се решат поголемите проблеми како намалување на даночната евазија и зајакнување на транспарентна и ефективна алокација на буџетските средства. Имено за да се воведе прогресивното оданочување како коректор за нееднаковста неопходно е да се создадат клучните предуслови.
„Министерството за финансии останува на ставот дека прогресивен данок на личен доход може да даде добри општествено-економски ефекти и поправедно и поразвиено општество, доколку има оптимален дизајн, во чиј центар е домаќинството. Доколку е донесен во консултативен процес со сите засегнати страни и врз основа на објективни анализи и истражувања. Доколку се зајакнати се механизмите за елиминирање на сивата економија, во рамки на холистички пристап согласно Стратегијата за формализирање на неформалната економија 2018-2022 и нејзино унапредување“, велат од Финансии.
Исто така се наведува дека треба да се подигне довербата во институциите, како и да се воспостават ефикасни и ефективни процеси со искористување на потенцијалот од технологијата, со цел намалување на административниот товар.
Анализата можете да се види на следниот линк.