Промовирани огласи »

Приходите кои можеле да се приберат од прогресивното оданочување и повисоката стапка на личен доход се помали за 51,2 отсто во однос на потенцијалот, покажува анализата на Министерството за финансии насловена „Како до сеопфатен, фер и ефикасен данок вo Република Северна Македонија“, објавена на веб-страната на Министерството.

„Вкупно, износот на остварени приходи само од прогресивната и повисока стапка на личен доход, со анулиран ефект од пораст на плати и вработувања, за првите 6 месеци од 2019 е 12,7 милиони евра. Потенцијалниот приход, доколку субјектите не го променeле своето однесување, ќе бил 19,2 милиони евра. Оттука, вкупно изгубените приходи што можеле да се приберат, а не се прибрале, се оценети на 6,5 милиони евра, што претставува 51,2 отсто од прибраните приходи од прогресивниот и повисок данок на доход. Тоа се средства кои буџетот можел да ги има, но не ги добил поради промената во однесувањето на даночните обврзници“, пишува во анализата.

Потенцијалните објаснувања за промената на однесувањето на обврзниците се дека мерката била воведена во специфичен политички и општествено-економски контекст. Исто така, обврзниците имале чувство дека не биле консултирани, како и дека не добиваат повеќе и подобри услуги, а плаќаат повеќе. 

Високиот удел на сивата економија, односно меѓу 30-40 отсто, е уште едно од објаснувањата за промена на однесувањето на обврзниците. Гледајќи дека има висок степен на неформална економија обврзниците имаат став „Зошто јас да плаќам повеќе, ако тој не плаќа воопшто?“, се вели во анализата.

Анализата посочува дека покрај дизајнот на самото решение на даночната реформа, подеднакво важен е и начинот и тајмингот на спроведување.

Понатаму во анализата се наведува дека Република Северна Македонија спаѓа во земјите кои имаат умерено ниво на доходна нееднаквост, мерена според коефициентот Џини, што значи дека постои нееднаквоста, но истата е умерена. За да може да се влијае на понатамошно намалување на нееднаквоста со даночна политика, пред сѐ треба да се решат поголемите проблеми како намалување на даночната евазија и зајакнување на транспарентна и ефективна алокација на буџетските средства. Имено за да се воведе прогресивното оданочување како коректор за нееднаковста неопходно е да се создадат клучните предуслови.

„Министерството за финансии останува на ставот дека прогресивен данок на личен доход може да даде добри општествено-економски ефекти и поправедно и поразвиено општество, доколку има оптимален дизајн, во чиј центар е домаќинството. Доколку е донесен во консултативен процес со сите засегнати страни и врз основа на објективни анализи и истражувања. Доколку се зајакнати се механизмите за елиминирање на сивата економија, во рамки на холистички пристап согласно Стратегијата за формализирање на неформалната економија 2018-2022 и нејзино унапредување“, велат од Финансии. 

Исто така се наведува дека треба да се подигне довербата во институциите, како и да се воспостават ефикасни и ефективни процеси со искористување на потенцијалот од технологијата, со цел намалување на административниот товар.

Анализата можете да се види на следниот линк.

Промовирани огласи »

Поскапуваат бензините и дизелот.

Новите цени стапуваат на сила од полноќ од кога Еуросупер БС-95 ќе се продава поскапо за еден денар и ќе чини  68,50 денари.

Од друга страна Еуросупер БС-98, дизелот  и екстра лесното масло за домаќинства бележат скок на цените за половина денар и од ноќеска ќе се точат за 70,50 денари Еуросупер БС-98, дизелот за 62 денари а екстра лесното масло за домаќинства ќе чини  50,50 денари.

Промовирани огласи »

Мерката поврат на 15 отсто од пресметаниот ДДВ е продолжува да се спроведува според предвиденото, а средствата од повратот остварен во месеците јули, август и септември на граѓаните ќе им бидат исплатени на трансакциските сметки до крајот на декември оваа година, што ќе биде всушност и првата квартална исплата.

Од воведувањето на мерката на 1 јули оваа година, парите за првите три месеци ќе бидат префрлени на трансакциските сметки кои корисниците ги оставија со регистрација при инсталирање на апликацијата МојДДВ.

По исплатата во декември, ќе следува исплата во текот на месец февруари за месеците октомври, ноември и декември, во април за месеците јануари, февруари и март, во август за месеците април, мај и јуни и во ноември за месеците јули, август и септември.

Во наредниот период Управата за јавни приходи ќе излезе со целосна анализа и податоци за мерката „МојДДВ“ и какви резултати прикажа во борбата со сивата економија и зголемувањето на фискалните приходи.

Промовирани огласи »

Исплатата на регресот за годишен одмор воспоставена со Општиот колективен договор (ОКД) за приватниот сектор од областа на стопанството е задолжителна за работниците и треба работодавачите да ја реализираат до крајот на годината, се посочува во денешното соопштение од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Сојузот на синдикатите на Македонија заедно со Организацијата на работодавачите, со потпишување на Спогодбата за измени и дополнување на ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството во 2013 година го уредија правото на регрес за годишен одмор за вработените во приватниот сектор.

Регресот за годишен одмор е право воспоставено по пат на дијалог помеѓу претставниците на работниците во конкретниот случај Сојузот на синдикатите на Македонија и од претставниците на работодавачите – ОРМ и со оглед на тоа што се работи за право уредено спогодбено со потпишување на колективен договор, стои во соопштението, очекувано е работодавачите целосно да ја исполнат обврската која доброволно ја презеле.

„Согласно член 35 од ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството регресот за годишен одмор се исплатува во висина од најмалку 40 проценти од основицата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач. Основицата за пресметување на надоместоците на работниците преставува просечната месечна нето плата по работник во Република Македонија исплатена во последните три месеци“, се појаснува во соопштението.

Со колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавач може да се утврди регрес за годишен одмор во поголем износ од износот утврден со овој колективен договор.

Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината. Износот се утврдува според основицата која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата.

Со Спогодба за изменување и дополнување на ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството ( Сл. весник бр. 119 од 2015 ), се појаснува во соопштението, е определено дека кај работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја економско – финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна предходна консултација со синдикатот на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор.

Кај работодавачите во кои нема формирано синдикат спогодбата се потпишува со избран претставник од работниците. Во соопштението се посочува дека службите за бесплатна правна помош на ССМ во Скопје и во регионалните синдикални претставништва низ Републиката за своето членство обезбедуваат правна помош и заштита и за ова право од работен однос.

„За неодговорните работодавачи кои не исплаќаат регрес за годишен одмор или бараат од работниците да ги вратат исплатените средства по овој основ, Кривичниот закон предвидува затворската казна до 1 година. Оваа законска обврска дополнително ќе придонесе за заштита и остварување на ова уставно и законско право на работниците (Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, Сл. весник бр.226 од 2015г.)“, предупредуваат во соопштението од Сојузот на синдикати на Македонија.

ССМ очекува како резултат на зајакнатата санкциона политика и измените на Кривичниот закон да се елиминираат и оние појави каде што имаше практика исплатата да се изврши формално, а потоа да се враќаат средствата бидејќи и ова е предвидено во Кривичниот закон за што следува казна согласно член 166 нов став 2, кои гласи:

„Тој што ќе побара од работник да му врати или ќе прими одреден износ од плата или други надоместоци исплатени од работодавачот, ќе се казни со затвор од три месеци до една година. На работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор им укажуваме дека можат да побараат интервенција од Државниот инспекторат за труд , или пак да покренат судска постапка за заштита на своите права“, пишува во соопштението од Сојуз на синдикатите на Македонија.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »