За две недели Министерството за транспорт и врски треба да достави до Владата нов предлог за Закон за легализација на дивоградби. Граѓаните кои ќе сакаат да ја легализираат дивоградбата ќе мора да ја платат целата сума која имале обврска да ја платат на општината пред да почнат да градат. И како казна плус дополнителни 50 отсто од сумата на комуналиите. Очекувањата на власта е дека новиот закон ќе биде готов до крајот на годинава.
„За да нема забуна, постапките кои се водат и се водат во општините, тие постапки си продолжуваат по едно евро. Бидејќи општините за дел од предметите не постапиле согласно тој закон за легализација. А рокот негов беше 31 .12.2018 година, и општините по тие постапки се уште постапуваат“, изјави Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.
Во подготовката на Законот е вклучена и заедницата на локални самоуправи. Претседателот на ЗЕЛС Петре Шилегов вели дека легализацијата на бесправно изградените објекти за едно евро по метар квадратен е премалку и чист популизам.
Треба да престанеме да носиме решенија со кои ги стимулираме неплаќачите затоа што тоа е некоректно кон граѓаните кои редовно си ги подмируваат обврските. Градењето на диво треба и од економска смисла да го направиме неисплатливо за да спречиме на кого како и да му текне ќе гради а потоа за едно евро да го легализира, рече Петре Шилегов, претседател на ЗЕЛС.
Секое актуелно размислување за нов закон од ваков тип е само обид за легализација на нешто што требало да се спречи или сепак сруши. Велат од ВМРО-ДПМНЕ. Опозиционерите сметаат дека цената која се споменува од 100% комуналии веќе не е мерка за ставање што поголем ред во државата, туку можеби за легализација на бројни луксузни викендички и објекти без документи.
„Со законот за легализација беа опфатени градби во определен временски период, за да се стави ред во хаосот што остана од СДСМ, да се повлече линија за да се има вистински увид, кое чие е, колкаво е, а потоа државата и општините да може да наплаќаат даноци од тие градби, чии што сопственици ги користеа истите инфраструктурни услуги, без да платат за нив“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според информациите кои ги имаме, новиот закон нема да важи за спорните градби во Охридскиот регион за кои виси статусот на градот за УНЕСКО. Инаку, официјалните податоци од Агенцијата за катастар на недвижности се дека заклучно со денеска поднесено и позитивно решени 244.334 барања за легализациија на дивоградби со актуелниот закон.