Промовирани огласи »

Во Австрија, со почетокот на новата година започна да важи забраната за продажба на пластични кеси за еднократна употреба.

Предлог законот, кој парламентот го усвои, предвидува период на транзиција до крајот на 2020 година, за да им се овозможи на претпријатијата да се „ослободат“ од пластичните кеси во своите магацини. Од забраната се исклучени оние кеси кои се целосно биоразградливи и кои се произведени од биолошки материјал.

Исто така, од забраната се исклучени пластичните кеси за повеќекратна употреба. Поради бројните исклучоци, организациите кои се занимаваат со животна средина ја критикуваа измената на законот, како мерка без ефект.

Тие посочуваат дека годишно во Австрија има околу 7.000 тони пластично ѓубре поради пластични шишиња и кеси, и веруваат дека законот би требало да опфати и пластична амбалажа, што претставува голем дел од пластичното ѓубре.

Промовирани огласи »

Откако во јуни годинава лимитот за плаќање во кеш се намали од 1.000 на 500 евра, многу брзо тој праг не само што ќе се зголеми, туку и ќе рипне неколкукратно, на дури 3.000 евра. 

На 27 декември, кога сите беа зафатени со предновогодишни коктели, пратениците речиси „инкогнито“ и по скратена постапка си ги изгласале измените на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, со кој лимитот се крева на 3.000 евра.

„Во Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам („Службен весник на Република Македонија“ број 120/18), во член 182 по ставот (2) се додава нов став (3) кој гласи: „(3) Со влегувањето во сила на овој закон забраната за плаќање со готовина на стоки и услуги од членот 48 од овој закон, ќе се однесува на готовински плаќања, во износ од 3.000 евра или повеќе во денарска противвредност во вид на една или повеќе очигледно поврзани трансакции, што не е извршено преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги“, се вели во законските измени.

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

А овие законски измени ги предложиле група пратеници Ејуп Алими, Реџаиљ Исмаили, Агим Шаќири, Александар Филиповски, Агим Муртезанов и Мирослав Јованов. За измените гласале 54 пратеници, немало против и воздржани.

Токму намалувањето на прагот за плаќање во готовина беше еден од клучните владини адути во борбата против сивата економија. 

Таа сума првично беше 15 илјади евра, па власта во неколку наврати ја намалуваше, прво на 2.000, па на 1.000 и во јуни годинава на само 500 евра.

И додека премиерот Зоран Заев, екс министерот за финансии Драган Тевдовски и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, постојано повторуваа дека на тој начин власта се бори со сивата економија, стопанствениците од албанскиот блок, пред се од Стопанската комора на Северозападна Македонија, постојано повторуваа дека овој закон е преригорозен и ги ограничува во водењето на бизнисот.

„Вака утврдената одредба во периодот од нејзината примена од 1 јуни 2019 година до денес  предизвика ограничувања за голем број на граѓани, кои  согласно со  своите потреби правото за  плаќања со готовина за стоки и услуги за износ поголем од 500 евра во денарска противвредност  не можат  искористат заради ограничувачката одредба која наметнува дополнителини обврски за граѓаните. Заради ограничувачкиот законски износ во многу секојдневни ситуации со кои се судираат граѓаните потребна е предметната измена на законот  и нејзино усогласување со правните прописи за вршење на готовински плаќања со земјите од Европската Унијакако што се: Белгија, Италија, Унгарија, Чешка, Полска, Латвија, Словенија и други“, се вели во образложението.

Со Предлог на законот за изменување на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам ќе се зголеми износот за плаќање со готовина на стоки и услуги во вид на една или повеќе очигледно поврзани трансакции, што не е извршено преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги, велат предлчагачите.

А од предлагачите, тројца пратеници се од ДУИ, тројца од СДСМ, што значи дека овој закон е предложен и донесен во дослух со власта.

Фактор бараше од Министерството за финансии став за овие законски измени, но не доби одговор до подготовката на овој текст. 

Промовирани огласи »

Истражувајќи ги цените на патарините за патничките возила (категоризацијата варира од земја до земја), на автопатиштата во земјите од регионот, во Македонија се наплатува најскапо доколку плаќате во евра. На секои 10 километри цената во просек е 0.75 евра, додека во домашната валута изнесува 30 денари, или 0,49 евра, објави Ал Џезира. 

Во БиХ, трошоците на наплатните рампи се различни кога станува збор за Федерацијата на БиХ и Република Српска. Ако го погледнеме делот од автопатот Добој - Бања Лука, возачите плаќаат во просек 0,48 евра за 10 километри од автопатот. Користејќи го автопатот преку ФБиХ, возачите ќе издвојат 0,60 евра за 10 километри по кои патувале.

Во Хрватска е анализиран скоро целиот дел од автопатот А1 и пресметано е дека возачите трошат 0,64 евра за десет километри на автопатот. Во земјите со затворен систем на наплата од регионот, Србија е најевтина - возачите треба да потрошат 0,33 € на 10 километри. Во Косово употребата на автопатот сè уште не се наплаќа, додека Црна Гора сè уште ги чека првите километри од автопатот.

Словенија користи систем на наплата со вињети - налепници кои важат за патарина за одреден временски период. Вињетата (за возила високи до 1,3 метри и тежина до 3,5 тони) чини 15 евра за седум дена, 30 евра за еден месец, додека годишната цена е 110 евра.

Системот за собирање вињети сè уште се користи во Австрија, Чешка, Унгарија, Словачка и Швајцарија. Во принцип, патарините во земјите од регионот се многу пати поскапи отколку во значително побогатите европски земји.

Ако се земеме ситуацијата во БИХ. ентитет Република Српска (слично на Федерацијата на БиХ, Хрватска и Србија), каде што се пресметува износот на годишната цена на билетот со множење на километражата на автопатот, односно со 400. Така, годишниот билет за автопатска делница од Добој до Градишка чини изнесува зачудувачки 2.044 евра (4,000 конвертибилни марки) - неколку пати поскапо од годишната вињета во Словенија, за многу помалку километри автопат.

Годишната вињета во Словенија за автомобили до три и пол тони чини 110 евра, во Австрија 89,20 евра, во Швајцарија е 40 франци, или околу 37 евра. Во Бугарија и Словачка возачите на патнички возила плаќаат годишна вињета од 50 евра. Годишната патарина за патнички возила во Чешка е 59 евра, а во Романија 96 евра.

Промовирани огласи »

Од први јануари ќе се применуваат измените на Законот за данок на личен доход со кои се става во мирување примената на прогресивниот данок на личен доход. Следните 36 месеци доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права како и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи ќе се оданочува со стапка од 10 проценти. Во мирување ќе биде ставена и стапката од 15 проценти, што значи дека стапка од 10 проценти ќе се применува и за оданочување на доходот од права на индустриска сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капиталните добивки, од осигурување и другиот доход, соопшти Министерството за финансии.

Министерката за финансии Нина Ангеловска, кога ги најави измените на Законот за данок на личен доход, рече дека не станува збор за негово укинување и дека став на Владата е дека прогресивен данок може да ја подобри распределбата на доходот во  системот и да даде добри општествени ефекти што би резултирало со поправедно и поразвиено општество. 

„За да се постигне ваков ефект, прогресивниот данок треба да има оптимален дизајн во чиј центар е домаќинството, да биде донесен во консултативен процес со сите засегнати страни, да постојат ефикасни механизми за елиминирање на сивата економија и да има зајакната доверба во институциите како и да се воспостават ефикасни и ефективни процеси со искористување на потенцијалот од технологијата, со цел намалување на административниот товар, кој ќе биде распореден на сите“, рече тогаш Ангеловска.   

Oдлуката за ставање во мирување на прогресивниот данок е донесена врз основа на анализа на големи податоци, кои овозможуваат да се извлече тенденцијата и да се донесе заклучок врз основа на електронско пријавување и наплата на данокот на личен доход. Според анализата, приходите кои можеле да се приберат од прогресивното оданочување и повисоката стапка на личен доход се помали за 51,2 отсто во однос на потенцијалот. 

Вкупно изгубените приходи што можеле да се приберат, а не се прибрале, се оценети на 6,5 милиони евра, тоа се средства кои буџетот можел да ги има, но не ги добил поради промената во однесувањето на даночните обврзници, покажува анализата.

Од први јануари се зголемува и прагот за ДДВ обврзник од еден милион денари на два милиони денари. Со измените во Законот за данок на додадена вредност се менува и периодот во кој обврзникот е должен да остане во системот на ДДВ и истиот се скратува на три години од тековните пет години. Со тоа сите правни и физички лица кои во 2019 година не го надминале новопоставениот праг, ќе може доброволно да се дерегистрираат од системот. 

Од први јануари се одложува примената на две даночни решенија. Нема да стартува оданочувањето на капиталните добивки од хартии од вредност. Новото решение што ќе стапи на сила од 2023 година ги вклучува во оданочување и уделите од инвестициските фондови, кои со досегашното решение беа изоставени. Се воведуваат 2 даночни стапки, зависно од периодот на поседување на хартиите од вредност и уделите, односно, стапка од 15 проценти за сите оние кои шпекулативно тргуваат на пазарите на капитал, односно истите ги држат кај себе до една година и стапка од 10 проценти со која ќе биде даночен доходот од капиталните добивки од хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, кои инвеститорите ги чуваат од 1 до 10 години. Ослободени од овој данок ќе бидат долгорочните инвеститори кои хартиите од вредност и уделите издадени од инвестициски фонд ги чуваат повеќе од 10 години од денот на продажбата, но и хартиите од вредност стекнати од иницијална јавна понуда, со цел охрабрување на компаниите за првично отварање кон јавноста преку издавање на акции по пат на иницијална јавна понуда. Спроведувањето на одредбите од Законот нема да биде оставено на товар на граѓаните и данокот автоматски ќе биде пресметуван и уплатуван во Буџетот. 

Од први јануари 2020 нема да стартува и примената на данок на камати од депозити. Одлуката за одложување се базира на потребата од нормативно доуредување за известување од страна на банките и штедилниците, како и поедноставување на администрирањето на данокот. Дополнително, со одложениот старт на оданочувањето на капиталните добивки и каматите на заштедите, од 2023 ќе се изедначи третманот на заштедите со долгорочното инвестирањето на граѓаните на пазарот на капитал, велат од рфесорот на министерката Ангеловска.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »