Промовирани огласи »

Нина Ангеловска, министерката за финансии, вели дека последните одлуки за зголемувањата на платите во јавниот сектор и на пензиите не се популистички мерки кои се прават предизборно.

СДСМ кога беше во опозиција овие мерки, односно зголемувањето на платите на пензиите ги карактеризираше како чист популизам. Социјалдемократскиот сојуз  како левичарска партија тврдеше дека слични мерки само купуваат гласови. За дел од овие мерки свои забелешки имаа и ММФ и Светската банка.

Има повеќе причини за одливот на мозоци од земјата, но една од најважните е економската, односно си одат поради ниските плати. Она што на краток рок може да се понуди е токму повисоки плати. Факт е дека имаме одлив на лекари, на медицински сестри, не само од јавното во приватното здравство, туку си заминуваат и од земјава. Второ, колку од квалитетните студенти се мотивирани да работат во просвета, знаејќи ги платите?

Ако сакаме да ги понудиме најдобрите здравствени услуги на граѓаните, треба најдобрите лекари и медицински персонал да ги задржиме во јавните здравствени установи. Да, треба, и се вложува во современа медецинска апаратура, но таа ќе биде бескорисна ако немаме квалитетни кадри кои ќе работат со неа. Ова е дејност која целосно зависи од човечкиот фактор. Истото е со образованието. Ако немате квалитетни кадри кои ќе бидат мотивирани да го пренесат знаењето на децата, нема да имате резултати во образованието, вели Ангеловска.

Министерката тврди дека владеачката гарнитура не ги покачувала платите само предизборно, односно кога треба да се гласа, туку тоа, според Ангеловска, се прави секоја година.

Понатаму, не би се сложила дека сега прв пат предизборно се покачуваат платите, тие се покачуваат повеќе пати од 2018 година. Со покачувањето на платите на лекарите од февруари 2020 година, последниве три години платата на лекар специјалист е покачена за околу 40 отсто. Само годинешното покачување на платата на лекар специјалист е 25 проценти, на општите лекари 15 отсто, а 10 проценти за медецинските сестри. Од јануари за 10 отсто се покачуваат и платите во образованието, со што кумулативното покачување на платите изнесува 20,6 проценти со претходните покачувања. На крај, да сумирам и конкретно да одговорам на вашето прашање – дали јас сметам дека овие мерки се популизам? Не, популистички работи се оние кои се во насока на купување на моменталното задоволство на граѓаните и кои немаат никакви или имаат негативни ефекти во иднината. Напротив, мерките кои ги преземаме за вложување во човечки капитал се во насока на поставување на работите на здрави фундаменти, за да идните генерации во оваа земја живеат подобро, тврди Ангеловска.

Промовирани огласи »

Горивата пред Нова Година поскапеа од половина до еден денар по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,28 отсто.

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголеми за еден денар по литар и ќе изнесува 68,5 денари. Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за половина денар по литар и сега ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе чини 70,5 денари, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) 63, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) 52 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 0,904 денари по килограм се зголемува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и ќе изнесува 38,243 денари.

Како причина за зголемувањето на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат зголемените референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар во изминатите седум дена и тоа кај бензинот во просек за околу 1,68 отсто и за околу 1,01 отсто кај дизелот, како и за 0,44 отсто повисокиот курс на доларот во однос на денарот.

По Бадник и Божиќ следи нова промена на цената.

Промовирани огласи »

Првото коло од наградната игра поврзана со скенирањето фискални сметки претпразнично им донесе среќа на петнаестмина кои се израдуваа на парична награда од по 100 000 денари.

Најголеми среќници од синоќешното извлекување се Скопјанци, по двајца Велешани и Штипјани, а по една парична награда израдува житечи на Кочани, Кавадарци, Битола, Вевчани и Крива Паланка.

Имињата на среќниците може да ги погледнете подолу.

На дневно ниво пак се влечат награди од 1000, 2000 и 3000 денари а дали вие сте добитник може да проверувате на сајтот на Државна лотарија тука.

Промовирани огласи »

Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар” донесе Одлука за усвојување на новиот Ценовник на услуги и надоместоци на јавните паркиралишта со кои стопанисува. Зголемувањето на цените на паркинзите се воведува за како што велат да се намали бројот на паркирани возила во централното градско подрачје и да им овозможи на жителите похумани услови за живеење.

Во Општина Центар живеат повеќе од 45.000 жители кои секојдневно се соочуваат со сериозен проблем со паркирањето и поминуваат по неколку часа во нивните автомобили барајќи слободно паркинг место. Со цел да им се овозможи на жителите полесен и побезбеден пристап до нивните домови, од 8 јануари 2020 година, цените за паркинг за 1 час на комерцијалните паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар ќе се покачат за 20 денари, се вели во соопштението од јавното претпријатие.

Ова покачување се однесува само за паркиралиштата со наплата, додека цените за месечниот билет, дневната паркинг карта и останатите услуги на ЈП ПОЦ остануваат исти. Жителите на Општина Центар и понатаму ќе можат бесплатно да ги користат комерцијалните паркиралишта и монтажните гаражи со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар.

Одлуката за усвојување на новиот Ценовник на услуги и надоместоци на јавните паркиралишта со кои стопанисува претпријатието, донесена од Управниот одбор на ЈП Паркинзи на Општина Центар, едногласно беше изгласана од советниците на сите политички партии на последната седница на Советот на Општина Центар, додаваат тие.

ЈП Паркинзи на Општина Центар апелира до сите граѓани кои не се жители на Општина Центар да ги остават своите автомобили и да го користат повеќе градскиот и  алтернативниот превоз (велосипеди, електрични тротинети и т.н.) со кој значително ќе се реши сериозниот проблем со паркирањето во Општина Центар, како и проблемот со загадувањето на воздухот и животната средина.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »