Загадувањето претставува најгорлив здравствен ризик за животната средина, со кој се соочува населението во светот. Тоа го покажуваат податоците од извештајот за квалитетот на воздухот за 2019 година, што беше објавен завчера од страна на „Ајкју-ер ер-вижуал“. За среќа, Скопје не е повеќе меѓу најзагадените градови во светот.

Во Индија се наоѓаат 14 од вкупно 20 најзагадени градови на планетата, според концентрацијата на ПМ 2,5 честичките. Газијабад, град во близината на Њу Делхи, кој е главен град на провинцијата Утар Прадеш, е прогласен за најзагаден во светот со просечна концентрација на ПМ 2,5 честички од 110,2 микрометри на кубен метар што е единаесет пати повисоко ниво од пропишаната граница на СЗО. Тоа беше и причината зошто лани во јануари таму Владата воведе национална програма за чист воздух, која има цел да ги намали ПМ 2,5 честичките и позначајните ПМ 10 честички во загадувањето на воздухот во 102 града за 20-30 отсто до 2024 година, во споредба со нивоата од 2017 година. Неколку кинески градови, вклучувајќи го и Пекинг, кој некогаш беше познат по маглата, значително го поправи квалитетот на воздухот во изминатите неколку години со тоа што просечната концентрација на честичките опадна за девет отсто од 2018 до 2019 година, според извештајот.
– За Пекинг ова беше приоритет. Во Кина кога нешто ветуваат, тоа го исполнуваат преку вклучување на сите расположиви ресурси. Во Индија сега почнуваат да се преземаат мерки. Народот мора да изврши поголем притисок врз Владата – вели Јан Бокилод, директор за следење на квалитетот на воздухот во „Ер-вижуал“.
Се поставува прашањето дали и кај нас се презема нешто повеќе за да имаме почист воздух по сите протести на граѓанските здруженија за чист воздух, се прават ли некакви анализи, мерења, кои покажуваат каков е квалитетот на воздухот во однос на изминатата година, или можеби на зимските месеци во изминативе години во однос на годинашниве. Од Министерството за животна средина и просторно планирање тврдат дека има тренд на намалување на високите концентрации на ПМ 10 честичките.
– Во текот на 2020 година ќе продолжи усогласувањето на националното законодавство со законодавството на ЕУ. Се очекува донесувањето на измените и дополнувањата на Законот за квалитет на воздухот, со кои се прецизира начинот на усвојување на планските документи на ниво на единиците на локалната самоуправа, нивна проверка и одобрување од централната власт, дефинирањето мерки во локалните краткорочни акциски планови, како и контролата на имплементацијата од страна на инспекциските служби – велат од министерството.
Извор: novamakedonija.com.mk