Колку сте се грееле, толку ќе платите. Ако сакате потопли домови, ќе мора повеќе да го одврзете ќесето, во спротивно, ќе ви биде малку поладно.

Иако е можеби привилегија да платат онолку колку што потрошиле парно, за граѓаните да дојдат до тоа, ќе мора да вградат калориметри. И ќе мора да платат и за самите километри.
Регулаторната комисија за енергетика предлага корисниците на парно да вградат калориметри, со можност да ги плаќаат на рати. Веќе побарале БЕГ да направи анализа колку пари тоа би ги чинело граѓаните и дали може во сметките за парно да се вметнат и овие трошоци. Тоа би важело само за оние станови каде има хоризонтална поставенсот на цевките за парено, па ќе бидат потребни повеќе калориметри, а со тоа и цените ќе бидат повисоки.
Марко Бислимоски, прв човек на РКЕ, вели дека предлогот е тој трошок да се префрли кај потрошувачите и да се подели на повеќе рати. На пример, од 12 до 24 рати, со што граѓаните не би го почувствувале премногу овој издаток.
“На овој начин ќе им обезбедиме на сите потрошувачи сами да си го регулираат начинот на користење на топлинската енергија во периоди кога ним им одговара и во простории каде што им одговара. Со воведувањето на калориметрите ќе биде беспредметна дискусијата дали ќе имаме приклучени или исклучени потрошувачи, бидејќи приклучените, доколку не потрошиле, нема да плаќаат како да трошеле, како што е до сега ситуацијата”, изјави Бислимовски.
Задолжително да се стават калориметри е само за новите објекти, а за старите згради тие ќе се постават само ако за тоа се согласни сите станари.
Бислимовски не верува дека калориметрите ќе мора да се купат до април, бидејќи треба да се направи и нивната набавка.