Промовирани огласи »

Со цел уште поголема заштита на населението од ширењето на коронавирисот, Владата денеска донесе одлука за дополнителна рестрикција на движењето на населението за време на викенд.

„Се забранува движењето на сите граѓани за време на викенд (сабота и недела) од 16 часот до 05 часот! Остануваат на сила и сите други претходно донесени забрани“, соопштуваат од Владата.

Промовирани огласи »

Малите и средни претпријатија до 50 вработени, семејните компании и претприемачите се најпогодени од новите состојби предизвикани од Ковид-19. Субјектите со претежна дејност угостителство, ставија клуч на врата по донесената уредба од Владата за затворање како резултат на опасноста од ширење на вирусната инфекција. Здравјето на граѓаните е најважно, но не смее да се дозволи да пропадне оваа дејност и луѓето вработени во овој сектор сред здравствена криза да останат без никаков приход за да се прехранат, е пораката од денешната прес конференција на Туристичко угостителската комора која изнесе предлог мерки за ублажување на последиците од оваа состојба.

Мартин Ангеловски од Групацијата за Угостителство вели дека сите здруженија на угостители низ градовите во земјава се во иста позиција, покрај заканата од Ковид 19,  под дирекна закана се и во  борбата за зачувување на работните места и овие мали претпријатија да не пропаднат. 

„Здравјето е најважно, но без помош, секој изминат ден е трошок кој веќе не можеме да си го дозволиме од сопствени извори на финансирање. Овие субјекти се микро и мали, а поради уредбата имаме нула приходи во дејноста и поради тоа не можеме да ги покриеме трошоците. Повеќето од нас користат кредити од комерцијалните банки,  за кои се уште нема одлука за мораториум како во другите држави. 

Сите се трудиме да бидеме дел од решението на проблемот, но со секој изминат ден реалноста ни укажува всушност колку сме финансиски немоќни да го издржиме овој временски период до евентуално искоренување на Ковид 19. Би биле презадоволни доколку за нашата дејност може да се изнајде начин да се донесат конкретни мерки кои ќе нѐ одржат во живот. За таа цел се консултиравме меѓусебно повеќе од 1000 угостителски објекти во целата земја во сектор кој вработува повеќе од 29.000 луѓе, доколку го вклучиме и бројот на нивните семејства претставува сериозна бројка, која не сме во можност да ја издржиме, без адекватни мерки на Владата и Банките. Се надеваме дека оваа пандемична криза нема економски да ја загрози егзистенцијата на граѓаните кои живеат од овој сектор“, рече Ангеловски и додаде дека целта на мерките за потребата од помош од државата, не е за спас на изгубени добивки, туку да се успее да се преживее оваа агонија на неизвесност и на штети настанати од оваа светска пандемија, која секој ден се повеќе врши притисок да се затворат овие деловни субјекти и да останеме без работа.

Предлог мерките на угостителите се следни:

- Субвенционирање на минимална бруто плата за вработените, во периодот додека траат превентивните мерки, 

- Oдложување на наплатата на даночни обврски и аконтации во наредните 6 месеци, 

- Замрзнување и репрограм на обврски по кредити и камати како и други доспеани обврски према банките до завршување на кризата. 

-Да профункционира итно и без одложување отварањето на кредитните линии со субвенционирана камата. 

Исто така, предлог е и да не се применува Законот за финансиска дисциплина во наредните 3-5 месеци, да има одложено плаќање на сите режиски трошоци до завршување на пандемијата, да не се исклучува поради неплаќање вода, струја и други основни услуги, да не се наплаќа персонален данок и ДДВ за кириите. 

Од Туристичко угосителската комора велат дека последиците не се само здравствени и економски, туку дека се носи и огромен психолошки товар на одговорност кон сите лица кои се вработени и не треба да ги изгубат своите работни места и да останат без приход во време на криза. 

„Моментално предложените мерки не ги решаваат проблемите и не само што нема да ни помогнат да ги надминеме финансиските проблеми, туку дополнително ќе не задолжат.  Дополнително веќе 10 дена се најавува но нема ништо конкретно, ни каде да се јавиме ни како да поднесуваме апликации за да се помогне. Предложениот пакет на мерки ќе стапи на сила од април, а ние веќе повеќе од половина месец сме без  никакви приходи. Ова немаше да е проблем да се преброди кризата ако заврши утре или ако знаеме што ќе се случува и во кој рок. Ние моментално имаме проблем со платата за мар,  бидејќи нема никакви приходи, ни останаа залихи, задолжени сме со кредити, а не знаеме како мислат надлежните да се најдат средства да се платат придонесите за април и за мај. Имаме големо разбирање за моменталната состојба и сме подготвени да помогнеме во рамки на нашите можности, како на пример  со залихи со храна и обезбедување оброци за лицата што се во изолација, за полициските пунктови кои ќе бидат неопходни за спроведување на полицискиот час и секаде каде ќе има потреба. Се што е во наша можност, ставаме на располагање за доброто на сите. Доколку нема предвидена помош со која ќе можеме да се одржиме, потребно е веднаш да ни биде соопштена таа одлука, за да може вработените кои ќе  бидат одјавени и ќе останат без работа заклучно со 31.03, да аплицираат навремено за други мерки за помош за да не останат без никаков приход. За оние што ќе опстојат кога ќе помине кризата, кога ќе се отворат услови за рестартирање солидарно сите повторно ќе бидат пријавени на работа“ додаде Ангеловски.

Промовирани огласи »

Развојната банка на РСМ го објави јавниот повик за бескаматно кредитирање на малите и средни претпријатијата за туризам, угостителство и јавен транспорт. Интересот на фирмите треба допрва да се утврди, аплицирањето започнува на полноќ во 00.00 часот, а директорот на банката, Кире Наумов, очекува тој да биде огромен.

Каматната стапка ќе биде 0 проценти, до 24 месеци рок на отпата со грејс период шест месеци. За претпријатија до 10 вработенио може да се подигнат до 5.000 евра, до 50 вработени до 15.000 евра и до 250 вработени до 30.000 евра. Минималниот износ е 3.000 евра.

Целиот процес е електронски на адресата kreditiranjecovid1@mbdp.gov.mk и на веб-сајтот на банката на кој се критериумите за неопходните документи за аплицирање како што се потврда за платени даноци, тековна состојба на централен регистар, годишна завршна сметка за 2019, итн.

- Сторивме се што е потребно за да се олесни апликацијата. Развојната банка ќе го следи развојот на настаните одблизу и ќе настојува и натаму да дава поддршка на малите и средни претпријатија. Ова е иницијална прва мерка и воедно најбрзата. Во овој момент е опфатен само првиот удар, како откажувањето на туристичките аранжмани, настана прекин на товарниот транспорт и беше превземена мерка да се затворат рестораните и кафулињата. Од тој аспект утврдивме дека тоа се најпогодените сектори, рече Наумов на денешната прес-конференција.

Финансирањето е без хипотека, односно само со меница,  а понатаму ќе се утврдуваат следните погодени сектори.

Промовирани огласи »

Трговците да ги почитуваат мерките што се однесуваат на корона вирусот во делот на замрзнување на цените, апелираа надлежните. Инспекциите се на терен, а казните изнесуваат осум илјади евра за правно лице и 2.400 евра за одговорното лице. Покрај замрзнување на цените на основни продукти, се замрзнуваат и цените на јужното овошје.

„Би сакал да ги повикам сите компании посебно големите и малите трговци, но истовремено и производителите на прехранбени производи да ги почитуваат одлуките од Владата за цените, бидејќи одлуките се конкретни, концизни и прецизни. Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) работи и ги прави соодветните контроли, но апелирам граѓаните да пријавуваат неправилности на бесплатниот телефонски број 191“, истакна вчера министерот за економија Крешник Бектеши, потсетувајќи дека е донесена одлука за замрзнување на цените на јужното овошје.

Тој истакна дека Министерството за економија првично презеде мерки што се однесуваат на замрзнување на цените на одредени производи, посебно на основните прехранбени производи и соодветно на своите надлежности, забрани и извоз на брашно и пченица за други држави. Ги повика компаниите да не ја користат можноста за правење профит, бидејќи, како што рече, сега не е време за тоа.

Инспекциските служби во периодот од 19 до 22 овој месец спровеле вкупно 11.358 надзори на терен во насока на спроведување на владините мерки за справување на ширење на корона вирусот, информираше претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска.

Државниот пазарен инспекторат од 19 до 22 март спровел 869 надзори за контрола на замрзнатите цени, при што кај одредени трговци од малопродажба е констатирана промена на цените на неколку производи, но субјектите, како што беше соопштено вчера, се веднаш задолжени да постапат по одлуката и да ги вратат старите цени од 11 март годинава.

„Нашите инспектори и таму постапуваат. Онаму каде што нема да извршат намалување, односно корегирање на цената со 11 март од страна на инспекторите, казните се големи. Согласно Законот за трговија изнесуваат осум илјади евра за правно лице и 2.400 евра за одговорното лице. Затоа апел да ги почитуваат одлуките и да ги вратат цените на нивото на 11 март годинава“, изјави директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски.

Дел од компаниите што увезувале јужно овошје намерно имале шпекулативен однос кон пазарот и тие артикли не ги појавувале со цел цената да се зголеми.

Нагласи дека контролите што ги вршат, особено кај големите трговци со јужно овошје, малку ќе потраат за најпрво да се видат залихите што ги имале, а што набавувале после 11 март, со цел да се утврди најголемата маржа што може да ја користат.

„Верувам дека лимоните ќе бидат поскапи, но нема да бидат овие цени како денеска, каде има и до 50 проценти разлика. Ако имале разлика во цена од 1 јануари до 11 март – 20 до 25 проценти, нивото на маржа ќе мора да го вратат на тоа ниво“, истакна Пауновски.

Владата донесе одлука да се замрзнат и цените за потрошен медицински материјал и медицинска опрема и апарати согласно цената која била утврдена на 11 март кога СЗО прогласи пандемија на корона вирусот. Цените ќе се применуваат до 30 април годинава.

Целта на оваа мерка е да се вратат цените на маските, ракавиците и друг медицински материјал и опрема кои, како што кажа, во изминатите неколку дена пораснале за неколку пати поради зголемената побарувачка од граѓаните како средства за основна заштита од Ковид 19.

Се најавуваат и дополнителни мерки во делот на намалување на царините на барање на компаниите од месната и прехранбената индустрија со цел намалување на цените и овозможување непречено работење на оваа индустрија и увоз на репроматеријалите кои им се потребни.

Повеќе
КЛИКНИ