Поради лошата состојба во која се наоѓа денешната економија, се повеќе луѓе бараат нова работа. Но, за жал наоѓањето на нова и соодветна кариера не е воопшто лесно - покрај доброто резиме, треба да се изборите и со другите конкуренти во процесот на избирање.
За среќа, ние сме тука да Ви помогнеме.
Прочитајте како да дојдете до посакуваната позиција, избегнувајќи ги најголемите грешки кои најчесто се прават за време на разговор за работа:
Погрешна облека
Само затоа што разговорот е закажан во неформална атмосфера, тоа не значи дека треба да се појавите во искинати фармерки или пак неиспеглана кошула. Без обзир на тоа за каква работа се пријавувате, секогаш носете пристојно одело или барем кошула со минимум нападни детали. Подеднакво е важно и да не претерувате со формалноста.
Лажење
Во оваа доба, скоро е невозможно да пројдете со сите лаги кои ќе Ви паднат на ум. Вашиот работодавец, порано или подоцна ќе дознае дека не сте освоиле пет златни медали на Олимписките игри, ниту пак дека сте преговарале за примирје на Блискиот Исток. Лажењето во текот на разговорот за работа може да биде причина за подоцна да добиете отказ.
Зборување лошо за претходните работодавци
Никој не сака да вработи незадоволна личност, така што задржете го јазикот за забите кога ќе бидете прашани за претходната работа. Негативното излагање за минатата работа ќе му остави впечаток на соговорникот дека сте тешка личност за соработка.
Не зборувајте премногу
Разговорот за работа не се врти само околу вас. Тоа е прилика да дознаете за позитивните и негативните страни на фирмата во која сакате да се приклучите. Бидете спремни и посветете внимание на темите за кои зборувате, бидејќи соговорникот не мора да знае за вашите сексуални фетиши или пак зошто ве боли кога уринирате.
Дознајте повеќе информации за фирмата која треба да ве вработи
Искористете ги деновите пред разговорот за работа да се информирате подобро околу фирмата за која конкурирате. Тоа е совршено време и да го дополните Вашето резиме и да приграбите препораки од Вашите минати работодавци.
Прерано распрашување околу погодностите
Исто како што дамите не се прашуваат за годините, така и распрашувањето околу платата и додатните бонуси оставете го се додека таа тема не ја отвори другата страна. Прераното распрашување околу деталите остава впечаток дека тука сте само поради пари и ништо друго.
Доцнење
Разговорот за работа не е забава, затоа пробајте да стигнете 10-15 минути пред да започне вашиот разговор за работа. Со подранувањето, Вие имате време да го испитате теренот, а доколку имате среќа, додека чекате можеби ќе наидете на списанија од оваа деценија.