Промовирани огласи »

Ако некој корисник на финансиска поддршка од 6.000 денари од Владата има блокирана трансакциска сметка, тогаш банката која има договор со Владата треба по негово барање да му отвори посебна трансакциска сметка поврзана со времена дебитна платежна картичка на трошок на банката на која ќе ја прими финансиската поддршка и која ќе биде изземена од извршување по било која основа. Ова е дел од Законот за финансиска поддршка на повеќе категории граѓани кој веќе стигна во собрансика процедура. Порталот Фактор вчера објави први детали од Законот, а според него помош добиваат граѓаните со низок доход, пензионери до 15.000 пензија корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници. 

Конечната листа кој ќе добие помош сепак ќе ја изготвуваат неколку институции, а ќе биде објавена на kupuvamdomasno.gov.mk осум дена откако Законот ќе биде изгласан и ќе биде објавен во Службен весник. Како што објавивме парите ќе се даваат на транскациска сметка а ќ еможат да се трошат преку употреба на дебитна картичка и нема да можат да се подигнуваат како готовина. Сите 6.000 денари ќе треба да се потрошат до 25 декември, пишува Фактор.мк

Овој пат Владата прво ќе избере во кои дуќани ќе можат да се трошат парите и тие ќе бидат јавно објавени на интенет страницата kupuvamdomasno.gov.mk. Сите фирми кои ќе бидат избрани ако се продавници за трговија на мало должни се да обезбедат посебно обележани рафтови и гондоли со ознаката „КУПУВАМ ДОМАШНО“ на кои ќе бидат изложени македонски производи за продажба на лицата - корисници на финансиската поддршка од овој закон. Доколку во објектите за трговија на мало не постои можност за издвојување на македонските производи на посебно обележани рафтови или ако со издвојувањето се нарушува нивниот квалитет или рокот на употреба македонските производи должни се да ги означат со видна етикета на која исто така ќе пишува „КУПУВАМ ДОМАШНО“.

Во заонот стои и дека правните лица во кои ќе се трошат овие пари мора да имаат каса на која се издаваат фискални сметка која задолжително содржи линија за вкупен промет остварен од македонски производи. Со парите ќе може да се купува и он лајн. Инаку како што веќе објавивме додека е во собраниска процедура законот, парите нема да легнат на сметките.

Кој добива помош? Според законот граѓани со низок доход се лица кои бараат работа (пасивен барател на работа) во Агенцијата за вработување заклучно со 27 септември годинава и кои од јануари до август годинава оствариле доход во нето износ не поголем од 120.000 денари. За да добијат помош пензионерите треба да не имаат од јануари до август доход поголем од 120.000 денари, односно месечен износ на доход по основ на пензија не поголем од 15.000 денари. Помош ќе користат и корисници на право на социјална сигурност на стари лица кои имаат 65 годишна возраст, а кои користат право на социјална сигурност и се евидентирани во центрите за социјална работа.

„Млади лица“ се лица со наполнети 16 години и не постари од 29 години а кои се активни учесници во формалното средно образование, во високото образование, а не биле опфатени, односно биле испуштени во претходниот пакет на економски мерки. 

Пари добиваат и самохраните родители односно родител кој сам ги врши родителските права и должности за детето, поради тоа што другиот родител е непознат, починат, исчезнат или од оправдани причини привремено или трајно не ги извршува родителските права, но треба да е евидентиран во Министерството за труд и социјална политика. И тие не треба да имаат доход поголем од 120.000 денари до август., Истото важи и за уметниците, естрадните уметници и филмските работници. 

По 6.000 денари ќе добијат и дeца без родители и родителска грижа однонсо деца чии родители не се живи, кои се исчезнати, непознати или се со непознато живеалиште повеќе од една година и дете чии родители без оглед на причините привремено или трајно не ги извршуваат своите родителски права или должности ставени под старателство од надлежен центар за социјална работа.

Промовирани огласи »

Цирих и Париз ги потиснаа Сингапур и Осака од водечките места на новата ранг-листа на најскапи градови во светот, приклучувајќи му се на Хонг Конг со којшто го делат првото место.

Неодамнешното истражување на британски „Економист” за трошоците за живот, покажува дека корона-пандемијата влијаела на цените на стоките и услугите во повеќе од 130 градови до септември 2020 година. Според извештајот, скокот на Цирих и Париз на прво место се должи на зајакнувањето на швајцарскиот франк и еврото.

– Пандемијата на Ковид-19 предизвика слабеење на американскиот долар, додека западноевропските и азиските валути зајакнаа во однос на тоа, што резултираше со зголемување на цените на стоките и услугите, вели Упасана Дут, раководителка на истражувањето.

Трошоците за живот во Њујорк се користат како основен параметар за пресметување на овој индекс.

„Во Сингапур, којшто сега е на четврто место, забележан е пад на цените поради напуштањето на странските работници. Самото население на овој град-држава се намали за првпат по 2003 година, па и побарувачката падна и се појави дефлација. Сличен тренд е забележан и во Осака (Јапонија), каде потрошувачките цени стагнираат, а јапонската Влада субвенционира цени, на пр. во јавниот превоз”, се вели во извештајот.

Осака го дели петтото место со Тел Авив. Следуваат Женева и Њујорк, па Копенхаген и Лос Анџелес ги заокружуваат првите десет во светот, според трошоците за живот.

Цените на повеќето производи и услуги останаа главно непроменети оваа година, освен некои категории. Цените на основните намирници, како што се храната и водата, беа стабилни, но слабата побарувачка доведе до голем пад на цените на облеката.

Според Дут, ваквите трендови може да продолжат и во 2021 година, бидејќи потрошувачката е сè уште ограничена, што претставува притисок врз цените. 

Промовирани огласи »

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ги одобри измените со кои се дополнуваат мрежните правила за дистрибуција на топлина со кои се предвидува зголемување на температурните граници при прекин на работа на топланите.

Ова денеска преку соопштение го кажа Регулаторната комисија за енергетика. 

Измените следуваат со цел да се зголеми комфорот на потрошувачите приклучени на системот за централно греење кои во услови на пандемија се приморани подолго време да престојуваат во своите домови.

„Со измените кои ги одобривме практично се задолжува БЕГ во услови кога надворешната температура преку ден стигнува до 16 степени целзиусови да има испорака на топлинска енергија во домовите. Ги повикувам компаниите за зголемена општествена одговорност во состојба на пандемија. Воедно ги информирам потрошувачите дека се разгледува можноста за прекршочна постапка поради непочитување на одредби од Законот за енергетика и обврските дефинирани со лиценцата за вршење на енергетската дејност“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.

Потрошувачите кои се незадоволни од услугата од дистрибутерите на топлинската енергија може да поднесат приговор до РКЕ.

Промовирани огласи »

Владата на вчерашната 21 седница ја разгледа и усвои Информацијата за регулирање на надомест на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица заболени од новата болест, вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза, но се асимтоматични и на вработени лица кои имале контакти со заразени лица и се во самоизолација.

Во вториот заклучок по оваа точка се наведува дека висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица во министерствата и органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и на општините, градот Скопје и општините на градот Скопје, заболени од новата болест, вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза но се асимтоматични (односно немаат знаци на болест), а за кои е констатирано дека се заболени, ќе се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.

Согласно заклучоците, се препорачува висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на заболени вработени лица од оваа болест, вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза, но се асимтоматични (односно немаат знаци на болест), а за кои е констатирано дека се заболени, а се вработени во приватниот сектор, да се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.

Висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица кои имале контакти со заразени лица, а кои се вработени во министерствата и органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и на општините, градот Скопје и општините на градот Скопје и се во самоизолација, да се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.

Со заклучок на Владата по оваа точка се препорачува висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица кои имале контакти со заразени лица, а кои се вработени во приватниот сектор и се во самоизолација, да се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »