Со вистинска приказна и скршено возило од сообраќајна незгода РСБСП од денес ја едуцира младата популација за фаталните последици од неодговорното учество во сообраќајот. Настанот е дел од кампањата „Младост без лудост“ која советот ја промовираше пред неколку ден.
Силни воздишки, тажни погледи, држење за глава - вака денес реагираа минувачите пред трговскиот центар Skopje City Mall како резултат на глетката која што ја имаа пред себе.
„Петар М. (23) и Кристина А. (18) на 16.05.2016 година на пат кон Кавадарци, загинаа во оваа возило поради лудо и неодговорно возење. Последиците болат“. Ова е пораката која е испишана на возилото кое е поставено и кое што сведочи за страшната сообраќајна незгода во која животот згаснале два млади животи.
Согласно сообраќајната статистика во 2016 година вкупно 165 лица ги загубиле своите животи на патиштата во Македонија, од кои околу 60% се токму во оваа возрасна категорија. Вкупно 6000 млади луѓе на возраст до 40 години се тешко повредени во сообраќајни незгоди минатата година. Статистистичките податоци покажуваат дека на светско ниво секоја година 400.000 млади луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди, или дневно се губат околу 1.050 млади животи на патиштата ширум светот.
Конечно една убава и корисна кампања, се надевам дека на ваков начин ќе успееме да ги натераме младите малку да размислуваат пред да седнат зад воланот, вели возрасна госпоѓа чие внимание го одзема возилото. Ова е страшно што се случило и треба сите да не замисли, додава таа.
Ваквите активности ќе продолжат и во текот на следната недела. Возилото најпрво ќе биде дислоцирано пред некое од средните училишта во Скопје, а понатаму и низ Македонија, велат од РСБСП.