Министерството за финансии демантира дека се планира зголемување на стапките на ДДВ и на персонален данок, туку уделот кој општините го добиваат од наплатата на овие даноци. Информацијата дека се зголемува стапката на ДДВ и персонален данок беше погрешно интерпретирана по гостувањето на министерот за финансии Фатмир Бесими во емисијата „Економски магазин“ на телевизија Алсат, а потоа реагираше и самата јавност.
Изјавите на министерот додека ја презентираше реформата за унапредување на фискалната децентрализација беа интерпретирани дека за справувањето со кризата нема да биде доволно само задолжувањето, туку дека ќе треба и да се спроведат непопуларни фискални мерки.
„Во насока на точно информирање на јавноста истакнуваме дека не се планира зголемување на стапките на ДДВ и на персоналниот данок. Имено, изјавата на министерот за финансии Фатмир Бесими во емисијата „Економски магазин“ се однесува на зголемување на уделот кој општините го добиваат од наплата на ДДВ-то и од персоналниот данок, како трансфери од централен буџет, а не на стапките на ДДВ и персонален данок“, објаснуваат од министерството.
И самиот автор на емисијата „Економски магазин“ Горан Теменугов преку социјалните мрежи посочи дека станува збор за ненамерна грешка.
„Поради мала непрецизност објавена на веб страната на Алсат, каде што стоеше дека ќе се зголемува ддв и персоналниот данок, дојде до забуна во јавноста. Информацијата се однесува на зголемување на тоа колку општините ќе добиваат од собраниот ддв и персоналец, а не на зголемување на даноците. Значи, ќе се зголеми процентот што ќе го добијат општините, а не даноците. Јас се извинувам за непрецизноста и во иднина ќе се потрудам да не се повтори ваков пропуст“, се извини водителот.