Примената на Законот за работни односи и „Недела неработен ден“ ќе бидат со одложена примена, од 1 јануари 2022 година, соопштија вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на денешната редовна месечна седница на Комисијата за јавно-приватен дијалог што се одржа во Владата.
Одложената примена ќе важи и за измените и дополнувањата на Законот за данок на имот.
Како што информира заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски, Предлог-законот за данок на имот е во собраниска процедура.
Стапките на данок на имот остануваат во рамките во кои беа до сега, освен за оние лица кои поседуваат повеќе единици на имот и кои не се користат или не се во економска функција. Законските измени се во функција на зголемување на продуктивноста и зголемување на приходите по основ на данок на имот, нагласи Ковачевски.
Во однос на предлог-измените на Законот за финансиска поддршка за инвестициите, вицепремиерот Битиќи посочи дека со дел од нив ќе им се помогне на компаниите за пребродување на 2020 година.
Тоа се однесува и на компаниите кои веќе земале помош по мерките од Законот, да не бидат елиминирани поради пад на приходи и затоа воведуваме предлог измени во условите за аплицирање. Дополнително, ќе се променат начинот и условите на исплата, односно ќе се прават исплати тековно што ќе биде дополнителна помош и зголемување на ликвидноста на компаниите, потенцира Битиќи.
Како една од најважните предлог измени во овој Закон, дополни, е и усогласувањето на поддршката со рамномерниот регионален развој.
На седницата присуствуваа претставници од четирите најголеми стопански комори во земјата: Стопанска комора на Македонија, Сојуз на стопански комори, Стопанска комора на северозападна Македонија и МАСИТ, кои ја формираат Платформата за јавно-приватен дијалог.
На иницијатива на МАСИТ стана збор и за поставување минимален праг на основица за плаќање придонеси. Притоа, вицепремиерот Битиќи рече дека Владата останува посветена на она што е дел од програмата, а тоа е скалесто намалување на персоналниот данок во ИТ индустријата.
Битиќи уште еднаш напомена дека за сите важни економски прашања Владата води отворена дискусија со стопанството.
Создавањето предвидливо бизнис опкружување е едно од најважните теми за секој стопанственик, па токму во таа насока, пред донесување какво било законско или подзаконско решение, Владата ќе продолжи со отворена дискусија и консултација со бизнис секторот, подвлече Битиќи.
Согласно воспоставената практика, Комисијата за јавно-приватен дијалог одржува седница секој последен петок во месецот.