Украдените три милиони евра од НЛБ банка со автомобил од Македонија биле пренесени во Србија од Борис М., пријател на трезористот Бобан С., кој еден ден претходно ги украл парите од трезорот на банката, информира МВР.
Од министерството немаат дополнителни информации дали парите завршиле во Србија или биле пренесени во друга држава. МВР вчера само ги потврди шпекулациите дека има и други осомничени за грабежот откако поднесе кривични пријави за уште тројца, меѓу кои и братот на трезористот.
По дополнително преземени мерки, како и обезбедени докази, Единицата за економски и компјутерски криминал до надлежното Основно јавно обвинителство поднесе писмено известување за лицата Г.С. (43), брат на Б.С., за Е.П. (24) вработена како банкарски комерцијалист во НЛБ банка, како и за Б.М.(38), пријател на првопријавениот, сите од Скопје. За нив постојат основи на сомнение дека извршиле кривично дело затајување во врска со кривично дело помагање, со што на Б.С. директно му помогнале во извршувањето на кривичното дело, со кое противправно стекнал имотна корист од 2.400.000 швајцарски франци и 645.000 евра - велат од МВР.
Инспекторите откриле и како Бобан С. ги извлекувал парите од банката, без да биде забележано дека во трезорот има кусок пари. Имено, трезористот на 4 април околу 17 часот на шалтерот на кој работела Е.П. се информирал за курсот на еврата и швајцарските франци, со образложение дека некој негов пријател сакал да направи конверзија, но наводно не знаел кога би ја извршил. По половина час, Бобан С. заедно со брат му Горан С. дошол на истиот шалтер, при што братот на трезористот на Е.П. ~ предал 95.000 евра заедно со својата лична карта за преку трансакциската сметка да изврши конверзија на наведените девизи во швајцарски франци. Откако вработената ја направила потребната нарачка со електронски налог до трезорот, Бобан С. ~ кажал дека парите, 100.000 швајцарски франци - конвертирани 95.000 евра, тој лично ќе ги земе од трезорот без да ги пушти по воздушната цевка како што била процедурата. Брат му ги потпишал сите потребни документи, а Е.П. ги задржала еврата во благајна, по што по завршување на смената таа поради обезбедените банкарски исправи, уредно потпишани дека извршила конверзија, немала кусок на благајната ниту, пак, имала вишок парични средства. Од извршениот увид во снимките од видеонадзорот во банката констатирано е дека додека Горан С. е на шалтерот и ја врши наводната конверзија, а кога на смена во трезорот е и брат му, од трезорот ниту се изнесуваат 100.000 швајцарски франци ниту, пак, Е.П. му исплаќа пари на Горан С. како би се завршила конверзијата. Всушност, на овој начин е овозможено затворање на претходно настанатиот кусок од 100.000 швајцарски франци во трезорот направен од Бобан С., кој претходно зел 100.000 швајцарски франци од пратката од милион франци која требало да биде авионски испратена во странство.
Второто затајување Бобан С. го извршил на 7 април во попладневните часови кога Е.П. и тој пак биле на смена. Таа повторно постапувала по упатства на трезористот, па преку системот на достава од трезорот примила 375.000 евра во апоени од по 500 и 100 евра. Kомерцијалистката без да подготви каков било банкарски документ за потреба од вакви парични средства во благајната и без да изготви документ за исплаќање на парите од трезорот, парите на рака му ги предала на Бобан С. по што тој си заминал од експозитурата на банката.
Од Единицата за економски и компјутерски криминал во координација со Обвинителството во Скопје и понатаму се преземаат мерки за целосно расветлување на кривично-правниот настан за утврдување на кој начин од банката Б.С. изнел дополнително и уште 300.000 швајцарски франци - велат од МВР.
Не е познато каде заминал курирот со парите
Kако што и претходно беше познато, Бобан С. на 10 април околу 13 часот од трезорот извадил уште 2 милиона швајцарски франци и 270.000 евра и парите ги ставил во украсна кеса, по што незабележан од никого ја напуштил банката.
Според новите сознанија од истрагата, тој веднаш кесата со парите му ја предал на својот брат, кој, пак, му ги предал на Борис М. Тој наредниот ден по 14 часот со автомобил „фолксваген голф“ преку ГП Табановце ја напуштил Македонија и заминал во Србија. Дали таму ги оставил парите на некого, или ги префрлил во друга држава или ги префрлил на сметка не е познато.
Kако што дознава „Дневник“, тој бил уапсен завчера, исто така на Табановце, кога се вратил во земјата. На Борис М. му е одреден притвор од 30 дена, исто како и на Горан С., кој инаку е вработен во Народна банка. На комерцијалистката Е.П. ~ е одреден домашен притвор со забрана за користење мобилен телефон.