Информатичкиот инженер Николчо Петров упати писмо до Министерството за образование и министерката Мила Царовска како реакција на најавениот нов закон закон за учебници и други наставни и дидактички материјали со реакција дека семејствата ќе бидат принудени да купуваат постојано нови компјутери и лаптопи во ситуација кога нивната цена е поскапена на пазарот..
Петров, покрај тоа, смета дека учениците и наставниците, како и самите училишта, ќе се соочат со технички проблеми при самата настава.
„Јас сум инженер по информатика со над 30 години работен стаж. Бев одличен студент, а сега сум високо ценет (и добро платен) стручњак во мојата компанија. Секогаш се залагам за унапредување на било која активност, процес... со примена на техника, посебно компјутери. За жал, свесен сум колку одржување, трошок и напор треба за компјутерската опрема да функционира и колку е нагла промената која се планира. Се сомневам дека и училиштата и наставниците и децата и родителите се подготвени за неа. Успех на ваква крупна промена не е можен без СООДВЕТНИ ПРЕДУСЛОВИ. На пример:
- Дали на клупите има приклучок за струја за секое дете? (Наставничке празна ми е батеријата) Се сомневам дека и само ова сме способни да го реализираме до септември.
- На 2-3 одделенија ќе треба барем по еден информатичар, техничко лице за поддршка. (Ја знаете пазарната цена на информатичарите во Македонија, нели? Знаете дека се меѓу најплатените професии, ако не и први. Барем оние кои останаа во државата. ) Наставниот кадар е далеку од способен да врши ваква поддршка. (Наставничке ми се ресетира лаптопот. Наставничке ми го нема фајлот. Наставнику ми пишува ВИРУС. Наставничке Марко ми го турна лаптопот на подот и сега не ми се вклучува... )
- Знаете дека компјутерскта опрема застарува за 3-4 години, нели? (Прашајте ги во книговодство колкава е цената на компјутерска опрема по 4-тата година. НУЛА ДЕНАРИ! ). Значи родители со две деца во училиште (ако се биде во најдобар ред, а нема), ќе трошат по 20-30,000 денари секои 2 години за нови лаптопи.
- Покрај хардверот, знаете ли колку чинат лиценците за офис алатки, антивирусен софтвер и сѐ друго што треба?
- Знаете ли колкав % од учениците кои сега следат online настава пристапуваат од мобилен телефон со МАЛ ЕКРАН КОЈ НЕ Е УПОТРЕБЛИВ ЗА УЧЕЊЕ? Сигурно над 50%. Проверете!
- Дали знаете дека со ковид кризата и омасовувањето на online работењето од дома лаптопите се дефицитарни, цените се покачени, испораките доцнат? Јас знам бидејќи набавувам за стотици луѓе кои имаат потреба да работат од дома.
- Дали знаете дека компјутер без пристап до Интернет не вреди? Посебно за едукативни цели? Нема ниту да почнам да поставувам прашања за подготвеноста на училиштата за МАСОВЕН ПРИСТАП КОН ИНТЕРНЕТ. Знам само дека кај мене дома, со 3 деца истовремено на online настава и двајца родители со online пристап на работа, преку максимален оптички линк на телеком СЕ ГУШИМЕ, па двајца закачувам преку мобилен телефон за да функционираме (среќа имаме доволно претплата). Добро, тоа нѐ чини и нешто помалку од 100 евра месечно, гласат причините поради кои Петров реагира до министерката.
Тој вели дека МОН во моментов се води единствено од ентузијазам, но треба и да ја согледа реалната слика.
„Од Вас и од Министерството не видов ниту една издржана, убедлива анализа дека сме подготвени за ваква промена. Слушам и читам само "поетски" изјави за крупно чекорење кон светлата дигитална иднина, за доброто на нашите деца... Оптимизмот и визионерството се убава работа, доколку се поддржани со реални можности за реализација. Скокањето од авион е прекрасна активност, но само доколку се има падобран на грбот, уште еден резервен падобран (за секој случај) и умешност да се отворат на време“, додава експертот.
МОН најавува дека законот денеска ќе се најде повторно на седница на Влада и оти потоа повторно ќе биде вратен во Собрание.