Кариера: Во кој момент се роди идејата за LuxBox?
Елена: Идејата и амбицијата да основам свој бизнис и бренд се роди уште од тинејџерските години пред да се запишам на факултет, а веројатно голем удел во тоа имаше моето опкружување, поточно моето семејство кое се занимава со претприемништво долги години. Во текот на моите магистерски студии во Барселона, имав можност да работам на реални проекти за брендови од модната и луксузната индустрија, а со тоа и да научам како сето тоа еден ден да го применувам во својот бизнис. Љубовта спрема внатрешниот дизајн и дизајн на мебел ја открив малку покасно, по што се одлучив да се едуцирам и во таа насока. Клучниот момент беше всушност кога за прв пат добив прилика да работам на проект за внатрешно и надворешно уредување и го имав првиот допир со различните материјали, бои и текстури во еден ентериер. Мермерот за кратко време стана мојот омилен материјал за работа, а од тука се роди и идејата за еден ваков бизнис. LuxBox е спој од се она што сум го посакувала, учела и работела во текот на изминатите неколку години. Факултетот по Бизнис Менаџмент, курсевите по Внатрешен дизајн и 3DS Маx, а напоредно и работното искуство во е-трговијата беа доволни за да се чувствувам подготвена да започнам сопствен бизнис кој ги опфаќа сите мои интереси.
Кариера: Мермерот е универзален, но сепак уникатен материјал за работа. Што значи да се работи со ваков тип на материјал?
Елена: Да се работи со природен мермер е предизвик од повеќе аспекти. Ниту едно парче мермер не е идентично, секоја шара се разликува една од друга, па со тоа и секое парче мебел кое го изработуваме е единствено. Ова колку што е предност толку е и маана, поради тоа што клиентот очекува да го добие производот идентичен како што е на сликата. На пример, црниот мермер или LUNAR, може да се каже дека најмногу варира од парче до парче, некое е со минимални бели вени на црна основа, а некое пак е целосно покриено со бели шари. Поради тоа, постојано се трудиме да ги едуцираме клиентите да знаат дека мермерот секогаш ќе биде различен од оној на прикажаната слика и за среќа досега сите наши клиенти биле свесни за ова и не ни се случило некој да биде незадоволен од изгледот. Ние внимателно го селектираме секое парче мермер пред изработка, но мали “совршени несовршености” како што јас ги нарекувам, има скоро на сите парчиња и според мене токму во тоа е и убавината на природниот мермер. Денес има многу вештачки материјали кои се направени да изгледаат како мермер и се многу полесни за работа, но според мене ништо не може да го замени автентичнот изглед и уникатноста на природните вени на мермерот.
Кариера: Како мермерот се вклопува во секојдневието на едно модерно семејство? Повеќе ја сакаат неговата практичност за чистење или ултра-уникатниот изглед?
Елена: Мермерот се користи во внатрешното уредување години наназад насекаде во светот, па поради тоа се смета за безвременски материјал кој никогаш не излегува од мода и е секогаш актуелен. Сепак, кај нас имаше еден долг период на предрасуди дека мермерот е “кич” или пренападен, и дека може да се вклопи единствено во одреден стил на ентериер, како што е класичниот. За среќа, социјалните медиуми го воздигнаа мермерниот тренд, па последниве неколку години можеме да забележиме дека е се’ по присутен во домовите на модерните семејства. Ултра-уникатниот изглед на мермерот кој притоа се покажа дека одлично се вклопува во сите ентериери, па дури и во скандинавски, бохо и индустрискиот стил, е со сигурност причина за неговата голема популарност.
Кога станува збор за одржувањето, мермерот е малку специфичен поради тоа што е порозен материјал и има тенденција да впива течности, па се препорачува површината да се пребрише веднаш по истурената течност и да не се остава подолго време. Според мене, мермерот е како виното, со стареење станува уште поубав! Малите дамки и траги му даваат посебен карактер на мермерното парче и треба да ги засакаме. Многу од нас до ден денес чуваме предмети изработени од мермер кои биле на нашите баби и дедовци, па така и LuxBox има цел да креира мебел и предмети кои се долготрајна инвестиција и ќе се пренесуваат од една на друга генерација.
Кариера: Зошто го нарековте LuxBox?
Елена: Главната инспирација за името LuxBox се главните ликови во оваа приказна – масите кои потсетуваат на мермерни кутии што зрачат луксуз, елеганција, но и спокој од природата. Една од тие масички, поточно “LuxBox ICE Cubic“ беше првото парче кое го изработивме и во моментов се наоѓа во мојот дом. Евоцирајќи го гламурот на дизајните на италијанскиот мебел од 1950-та, LuxBox мермерните маси се одликуваат со целосна мермерна обвивка на која елегантно прикажаните природни вени внесуваат софистицираност и свежина во секој ентериер. “Луксузните кутии” во моментов се достапни во 5 бои на мермер и тоа: Бел (ICE), Црн (LUNAR), Сив (SILVER), Зелен (JADE) и Кафен (COFFEE).
Кариера: Вашите клиенти можат и самостојно да го дизајнираат парчето мебел што им е потребно. Дали сте добиле дизајн од кој произглегла цела линија на мебел?
Елена: Да, нашите клиенти можат сами да дизајнираат парче мебел, а ние да го реализираме. Со оваа опција сакаме да ги мотивираме нашите клиенти да бидат креативни, да ги оствариме нивните желби, да создадеме нешто точно онака како што си го замислувале, а притоа и да имаат самостоен дизајн на парче мебел кое сами ќе го именуваат и ќе биде поставено за продажба на luxbox.mk. Освен дизајнирањето на уникатен производ, нашите клиенти можат да одберат и веќе готов дизајн од нашата интернет продавница и да го приспособат на своите потреби. Оваа опција е особено популарна поради можноста самите да ја одберат бојата на металните ногари или бојата на мермерот на веќе постоечки дизајн, но и поради можноста да варираат со димензиите во зависност од нивниот простор. Со првата модифицирана нарачка на масичка со златна-мат метална конструкција од страна наша драга клиентка, произлезе Gold едицијата која ги содржи веќе постоечките дизајни на масички и конзоли, но во златна-мат варијатна. Цела линија на мебел од уникатен дизајн на наш клиент досега сме немале, но би сакале и се надеваме дека во иднина ќе имаме.