Како дел од кампањата на KARIERA.mk за жени претприемачи, разговараме со Катерина Селамовска, млад политиколог, основач и CEO на Lexion Group, фирма која се занимава со политички и маркетинг консалтинг.
За да созрее една бизнис идеја треба време, колку требаше за LeXion Group?
LeXion Group е компанија којашто е неодамна основана. Основањето на компанијата не беше долг и сложен процес. Идејата беше присутна, но храброста беше пресудна. Така за еден месец беше реализирана замислата за LeXion Group.
Како се одвиваше процесот од идеја до реализација?
Основање на LeXion Group произлезе од идејата на пазарот да се појави тим на млади ентузијасти, секој од нив подеднакво добар во својата бранша, коишто ќе дадат една подобра, современа и поинаква перспектива за подобрување на конкурентноста на брендовите и политичката стратегија.
Која е целта на LeXion Group?
Целта на LeXion Group произлегува од нашето мото е “Ништо освен најдоброто, не е доволно добро”. Оттука нашата цел е преку детално истражување на пазарот и стратешко планирање да им помогнеме на нашите клиенти да се развиваат и унапредуваат на деловен план, а со самото тоа да придонесеме за подобрување на деловната клима во Македонија. Исто така да послужиме како стимул и за другите млади да започнат свој бизнис, бидејќи на младите останува светот.
Каква нова вредност додава на пазарот LeXion Group?
Новата вредност на пазарот којашто ќе ја даде LeXion Group e тоашто конечно после долго време бизнис светот ќе биде “размрдан” од визијата на млади луѓе, кои ќе ги донесат новите трендови во нашето поднебје.
Што е потребно за да се создаде бренд?
За да се создаде бренд којшто ќе фигурира долг период на пазарот потребни се истрајност и чесна работа.
Што им препорачувате на младите и амбициозни луѓе?
На сите млади и амбициозни луѓе кои се во потрага по успешна професионална кариера би им препорачала пред се да веруваат во себеси и да не се плашат да превземат ризик. Им препорачувам да се истрајни, упорни, да работат напорно за да ги реализираат своите цели и да учат од грешките. Само со овие квалитети успехот ќе биде загарантиран.