Од први октомври годинава следуваат промени за работниците, односно недела ќе се прогласи за неработен ден, со што всушност, оние кои ќе работат во недела, ќе имаат поголеми права и бенефиции во споредба со претходно.
За недела неработен ден се пофалија и од владејачката СДСМ.
Измените на овој закон кои се изработени по пат на социјален дијалог, предвидуваат недела да биде ден за неделен одмор за сите работници, освен за дел од работниците во дејностите каде работниот процес не може да биде прекинат.
Но, овие работници кои ќе работат во недела ќе добиваат дневница повисока за најмалку 50 отсто од редовната дневница, а исто така ќе добијат и слободен ден што можат да го искористат во наредните седум дена.
Резултатите од спроведените анализи говорат дека, со овие измени, недела ќе биде ден за одмор за над 92 отсто од работниците во земјава.
Паралелно, со измените на Законот за трговија за вработените во трговија предвидена е двојна дневница и слободен ден, бидејќи станува збор за дејност која не може да се прекине.
Имплементацијата на Законот ќе биде под целосна контрола на Државниот инспекторат за труд, а оние кои нема да го почитуваат ќе добијат забрана за работа од 15 дена и прекршочен платен налог“, појаснуваат од СДСМ во своето соопштение за медиумите.