Стапуваат на сила нови правила за влез во Грција.
Можноста за влез и со негативен антигенски рапид (брз) тест и зголемување на возраста од шест на 12 години за задолжителниот тест, се двете промени.
Дополнително, сите патници на грчките гранични премини може да бидат тестирани по случаен избор со брз тест и доколку резултатот е позитивен, следи задолжителна изолација од 10 дена.
Кај јужниот сосед може да се влезе со потврда за завршена вакцинација со која било вакцина, потврда дека и двете дози се примени и дека поминале најмалку 14 дена од другата.
Оние кои не примиле вакцина, можат да влезат со негативен тест за коронавирусот кој не е постар од 72 часа (за земји од портокаловата и црвената листа) или негативен тест за антиген (за земји од зелената листа) кој се прави во рок од 48 часа. Валиден е и документ со кој се докажува дека лицето прележало ковидот во периодот од два до девет месеци пред патувањето.
Важно е што секој што сака да патува во Грција, најрано 24 часа пред патувањето, мора да пополни образец на веб-страницата www.travel.gov.gr и да го покаже кодот што го добил на границата. Во Албанија и Црна Гора не е потребен тест за влез. И овие две земји македонските граѓани може да ги земат во обзир кога бираат дестинација за одмор.
За влез во Грција, како и за излез од таа земја кон Македонија, отворен останува само граничниот премин Евзони, со работно време од 7 до 23 часот по грчко, односно од 6 до 22 часот по македонско време.