Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) по третпат му забрани да работи на Иван Исцелител, откако продолжил да ги нуди своите надрилекарски услуги.
По добиена дојава дека во атарот на селото Старо Нагоричане, Иван престојува и прима пациенти, екипа на ДСЗИ изврши вонреден инспекциски надзор. Во моментот на надзорот затекнати се шест лица кои чекале средба со Иван. Еден од присутните изјавил дека со Иван само разговарале и немале физички контакт, а не им бил препорачан каков било препарат, што го потврдил и Иван – велат од инспекторатот.
ДСЗИ претходно му ја затвораше „ординацијата“ на Иван во близина на Клиничкиот центар во Скопје во тензична атмосфера поради тоа што пациенти ги колнеле инспекторите. Станарите од соседството негодувале зашто се правел метеж од паркираните автомобили. Исцелител тогаш изјавуваше дека ординацијата му била затворена зашто сите пациенти од Клинички доаѓале кај него.
Обвинителството и Министерството за внатрешни работи повеќе од 10 години не покренуваат обвинение против надрилекарот Иван Исцелител, кој за себе веќе изгради слика на „Божји пратеник“ и хуманитарец, а му беше отстапуван простор и на телевизија.
Денес тој на социјалните мрежи отворено промовира дека им помага на пациенти болни од рак, тумор, цисти, мигрени, епилепсија, депресија, шизофренија, страв, зуење во ушите, вртоглавица и уште барем 50 дијагнози со кои современата медицина едвај излегува на крај. На Фејсбук тој тврди дека помага без пари, но секој пациент му остава или пари или храна, која што тој потоа вели дека ја донира на социјално загрозени граѓани. Во своите објави на социјалните мрежи тврди дека донирал 4.401 пат, а лани тврдеше дека со своите молитви успеал да го спаси српскиот пејач Дарко Лазиќ од смрт по сообраќајката.
Извор: Слободен Печат